• вторник, 24 декември 2024

Возачот на автобусот со кој допатуваа двајцата ново-заболени пациенти е негативен на корона вирус

Возачот на автобусот со кој допатуваа двајцата ново-заболени пациенти е негативен на корона вирус
Скопје, 7 март 2020 (МИА) - Министерството за здравство информира дека возачот на автобусот со кој допатуваа двајцата ново-заболени пациенти е негативен на корона вирус. Тој денеска со нова тура патници од Италија беше пречекан на граничниот премин Табановце. Автобусот беше тргнат на страна, а до добивањето на резултатите од тестот, тој и патниците беа во неколку-часовна изолација во објект на Царинската управа на граничниот премин. -До истекот на 14-иот ден од периодот на инкубација, пресметано од последниот ден на контакт со заболените (27 февруари), шоферот, со решение на ДСЗИ, останува во домашна изолација, под здравствен надзор на епидемиолозите, наведуваат од Министерството за здравство. Патниците, пак, кои денеска пристигнаа со него, по прегледот од епидемиолозите на граничниот премин при кој кај ниту еден не е индицирана болест, се пуштени дома. Тие немале контакт со позитивен пациент, но дадени им се препораки, доколку почувствуваат некои симптоми, да не одат по здравствени институции, туку веднаш да се јават во центрите за јавно здравје. По денеска одржаната прес-конференција, според последната информација добиена од МВР, вкупниот број на патници во автобусот со кој на 27 февруари пристигнале заболените пациенти е 28. Оваа бројка ги вклучува возачот-сега веќе тестиран и негативен, двајцата заболени пациенти и тројца патници кои ја напуштиле земјата. Сите 22 останати се идентификувани и контактирани. Со решение на ДСЗИ за здравствен надзор со полициска придружба сите остануваат во домашна изолација, а за непостапување по решението следат правни консеквенци, наведуваат од Министерството за здравство. вг/

Остани поврзан