Воени позиции во Обединетото Кралство годинава биле 340 пати цел на дронови
- Барањето за слободен пристап до информации поднесено од весникот „Индипендент“ откри 340 безбедносни инциденти поврзани со дронови во или во близина на објекти на Министерството за одбрана на Обединетото Кралство, во периодот до август 2026 година. Во 2025 година биле регистрирани 250 инциденти, што е речиси двојно повеќе во споредба со 126-те инциденти претходната година.
Лондон, 19 септември 2026 (МИА) – Британските воени локации биле цел на дронови стотици пати во текот на изминатата година, во услови на ескалација на тензиите со Русија и Иран, покажуваат податоците на британското Министерство за одбрана, пренесува ДПА.
Барањето за слободен пристап до информации поднесено од весникот „Индипендент“ откри 340 безбедносни инциденти поврзани со дронови во или во близина на објекти на Министерството за одбрана на Обединетото Кралство, во периодот до август 2026 година.
Во 2025 година биле регистрирани 250 инциденти, што е речиси двојно повеќе во споредба со 126-те инциденти претходната година.
Ова се случува во момент кога Кремљ предупреди дека британските воени објекти во Украина ќе се сметаат за „легитимни цели“ доколку се користат за поддршка на напади со оружје со долг дострел врз Русија.
Во својот коментар, Министерството за одбрана не наведе кој стои зад заканите, но инцидентите се случија во година обележана со ескалација на проблемите со Русија и Иран, пренесува ДПА.
Тобијас Елвуд, поранешен министер за одбрана од редовите на Конзервативната партија и воен ветеран, изјави дека заканите од дронови во Обединетото Кралство покажуваат оти британската војска се доживува „како цел“.
Тој за „Индипендент“ изјави: „Во Обединетото Кралство не преземаме ништо за заштита на нашата критична национална инфраструктура, како и на воените бази, а тоа е толку лесен начин за предизвикување пореметување.
„Во моментов станува збор само за дронови кои дејствуваат самостојно и се пасивни, но не е потребен голем чекор за да им се додаде кинетичка димензија и да станат смртоносни.
„Сето ова укажува на фактот дека воопшто не го сфаќаме сериозно зголемувањето на нивото на закани, со кое се справуваат нашите европски партнери.“
Портпаролот на Министерството за одбрана изјави: „Националната безбедност е првенствена должност на Владата.
„Јавноста треба да биде уверена дека Обединетото Кралство и неговите сојузници остануваат будни пред потенцијалните закани, а противниците не треба да се сомневаат во решителноста на оваа Влада да се спротивстави на каква било агресија врз Обединетото Кралство и нашите сојузници.“
Оттаму додадоа дека Русија „постојано нè испитува и тестира“ нас и Обединетото Кралство. Исто така, беше наведено дека владата не верува оти рускиот претседател Владимир Путин бара „директна конфронтација“ со НАТО.
Обединетото Кралство располага со разновидни капацитети за противвоздушна одбрана, вклучително и преку Кралската морнарица, Британската армија и Кралските воздухопловни сили.
Министерството за одбрана издвои 790 милиони фунти (1,1 милијарда долари) за справување со закани од беспилотни летала и ракети во Обединетото Кралство и во близина на базите во странство.
Ова се случи во момент кога руското Министерство за надворешни работи ја повика на разговор заменик-шефицата на британската мисија во Москва, Данае Долакија, за да изрази незадоволство од британската поддршка за Украина во војната предизвикана од инвазијата на Путин пред четири години.
Во соопштението на руското Министерство за надворешни работи се наведува дека на Долакија ѝ бил „упатен остар протест“ поради испораката на беспилотни летала и други системи за вооружување на силите на Володимир Зеленски во Украина.
„Беше нагласено дека, со оглед на политиката на Обединетото Кралство, руската страна го задржува правото да преземе неопходни мерки за одмазда како дел од остварувањето на правото на самоодбрана“, се вели во соопштението.
„Беше потврдено дека сите британски објекти во Украина што се користат за напади врз руска територија ќе се сметаат за легитимна цел.
„Беше истакнато дека целосната одговорност за каков било можен понатамошен негативен развој на ситуацијата лежи кај Лондон.“
Меѓутоа, портпарол на Министерството за надворешни работи изјави: „Ова е уште еден обид да се сврти вниманието од варварската сеопфатна инвазија на Русија врз Украина и да се дискредитира Обединетото Кралство на светската сцена.
„Посветени сме на обезбедување на опремата што ѝ е потребна на Украина за да се одбрани и нема да ја намалиме нашата поддршка за постигнување праведен и траен мир.“
Обединетото Кралство се обврза оваа година да ѝ испорача на Украина повеќе од 120.000 беспилотни летала, при што досега се испорачани 25.000, а оваа бројка се очекува да се зголеми пред почетокот на зимата.
Меѓу нив спаѓаат пресретнувачи кои ги уништуваат руските беспилотни летала (UAV), како и борбени беспилотни летала кои ѝ помагаат на Украина да возврати на нападите, потсетува ДПА.сд/
Фото: МИА архива