• вторник, 24 декември 2024

Воведени две дополнителни редовни автобуски линии на ЈСП - Скопје

Воведени две дополнителни редовни автобуски линии на ЈСП - Скопје
Скопје, 11 јули 2022 (МИА) - Советот на Град Скопје на денешната 13-та седница донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје, со која се воведуваат две нови редовни автобуски линии.
Како што соопштија градските власти, првата автобуска линија, со број 29, ќе се движи од Карпош 3, кај Сити Мол, до Жданец, а ќе се движи по улиците „Жданец“, „Трнодол“, „Козле“, „8-ми Септември“, булеварот „Партизански Одреди“ и Карпош 3, Сити Мол, и обратно.
Втората автобуска линија е со број 50А, која ќе сообраќа од населбата Хиподром 2 до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Автобусите на новата линија ќе се движи по улиците 1646 и „Благоја Стефковски“, булеварите „Александар Македонски“, „Крсте Петков Мисирков“, „Гоце Делчев“, улиците „Филип Втори Македонски“, „Димитрие Чуповски“, булеварите „Св. Климент Охридски“ и „Мајка Тереза“ и обратно.
Од Градот Скопје посочуваат дека покрај двете нови линии, се врши и промена на возниот ред на линијата број 60, како и промена на возниот ред на линијата број 50 со цел усогласување со возниот ред на новата редовна линија 50А.
-Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје се носи врз основа на барања на корисниците на јавниот превоз, а истите врз основа на податоци од снимања на линиите и анализирање на податоци од системот за АВЛ и SMART TIKETING, се наведува во соопштението на Градот Скопје.бт/цр

Остани поврзан