• среда, 27 ноември 2024

ВМРО-ДПМНЕ организираше протести против аерозагадувањето во Скопје, Тетово, Струмица, Куманово и Битола

ВМРО-ДПМНЕ организираше протести против аерозагадувањето во Скопје, Тетово, Струмица, Куманово и Битола
Скопје, 29 октомври 2020 (МИА) - Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва во Скопје, во Струмица, во Битола, во Тетово и во Куманово одржа протест против како што наведуваат од партијата „неодговорната политика во однос со најгорливото прашање – загадениот воздух“. Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека загадениот воздух и во ек на пандемија убива, а власта вели дека тоа е само магла. ВМРО-ДПМНЕ апелира поради високата загаденост на воздухот, паралелно со пандемијата на КОВИД-19, бремените жени и хронично болните да се ослободат од работа, и во приватен и во државен сектор. Јелена Жугиќ се обрати на протестот во Скопје, нагласувајќи дека поради големиот број заболени од Ковид-19 тој се одржува со помал број присутни, почитувајќи ги мерките за заштита. -Се наоѓаме на прагот на грејната сезона, а мерните станици за загаденост на воздухот мерат пет-шест пати зголемено количество на канцерогени ПМ-10 честички во воздухот како во Скопје, така и во Битола, Тетово, Кичево и други градови низ Македонија, изјави Жугиќ. Таа рече дека премиерот Зоран Заев пред четири години ветил дека откако ќе дојде на власт веднаш ќе го подобри квалитетот на воздухот и ќе го намали загадувањето, како и дека државата ќе инвестира во подобрување на квалитетот на животната средина и атмосферскиот воздух. -Четири години потоа Заев нема спроведено ниту една мерка во насока на намалување на загадувањето. Македонија секоја зима се гуши. Скопјани дишат отров наместо воздух. И ниту Заев, ниту Шилегов како градоначалник на Скопје не направија ништо  конкретно за намалување на загадувањето, рече Жугиќ. Воздухот, според неа, никогаш не бил позагаден, а негрижата на власта за здравјето на сопствените граѓани никогаш не била поголема. Дека нема напредок и подбрување на квалитетот на воздухот нотира и Европската комисија во нејзиниот најнов извештај, потсетува таа. ВМРО-ДПМНЕ вечерва остави тегли со чист воздух од врвот на Водно пред Влада, бидејќи, како што наведуваат од партијата, воздухот што го дишеме е се само не е чист и станува привилегија. Протести на ВМРО-ДПМНЕ се одржаа и во Струмца, во Тетово и во Куманово. Протестот во Тетово се одржа пред зградата на Општината. -Граѓаните на Тетово буквално се гушат од загаден воздух со огромни концентрации на канцерогени ПМ 10 честички и ПМ 2,5 честичките. Загрижувачки е фактот што сеуште сме на почеток на есента а веќе шест дена по ред граѓаните дишат неколку пати позагаден воздух од дозволеното, истакна Александар Велјановски, пратеник од редовите на партија од Тетово. Тој посочи дека изминатите години премиерот и градоначалничката Теута Арифи направија Тетово да биде заборавено од локалната и од централната власт и да достигне да биде најзагадена и најзадолжена општина во Македонија. И во Куманово протестот се одржа пред општинската зграда, а учесниците на протестот ја обвинија и локалната и централната власт дека не презема мерки за намалување на аерозагадувањето. Симболично, тие оставија тегла со чист воздух пред вратата на општината. - Песимистички се прогнозите за оваа есен и зима што е пред нас, сега зајакнати со актуелната пандемија од Ковид - 19. Оваа власт на СДСМ не толку одамна во 2016 година и овој човек пред да се седне во својата фотелја за градоначалник, Максим Димитриевски, од уста не ја вадеа темата за загадување на воздухот. Се наслушавме разни планови, визии за решавање на овој проблем за нивниот аеро, алпски воздух кој само што не дошол во Македонија, кога тие ќе дојдат на власт, но на дело видовме најнеспособна власт како на централно така и на локално ниво да се соочи и да се справи со овој проблем. Не да го отстрани загадувањето, барем да го намали, изјави организациониот секретар на ВМРО ДПМНЕ, Игор Божиновски. На протестот во Битола се обрати Иванчо Тошевски кој ги наведе сите, како што кажа, лаги и измами со кои власта ја замајува јавноста на темата здрава животна средина. Тој наброја проекти за кои биле обезбедени средства од в ладите на ВМРО-ДПМНЕ а не биле реализирани како Проектот за Прочистителна станица, за Топлификација и за Модернизација на електростатски филтри во РЕК Битола. -Сите овие претходни лаги СДСМ мислеше дека успешно ќе ги прикрие со Проектот 2500 климаинвертери за Битола кој го најавија уште во 08.2019 година, а повеќе од сигурно дека и оваа четврта по ред грејна сезона откако СДСМ е на власт ќе помине без ниту една реализирана мерка на темата здрава животна средина. Јани Макрадули – битолчанецот по потреба на 11.09.2019 година најави дека клима–инвертери најпрво ќе има за социјално ранливите категории на граѓани, а денес во Битола гледаме сосема поинаква слика. Токму затоа вечерашниот протест оди под наслов Битола - Инвертирана гасна комора, рече Тошевски. ев/ам/ас  

Остани поврзан