• понеделник, 23 декември 2024

ВМРО-ДПМНЕ во февруари ќе преговара со партии за коалиција на изборите, за претседателскиот кандидат кругот се стеснува

ВМРО-ДПМНЕ во февруари ќе преговара со партии за коалиција на изборите, за претседателскиот кандидат кругот се стеснува

Скопје, 15 јануари 2024 (МИА) – Не сме со драга волја во техничката влада, сметаме дека Талат Џафери не ја заслужува довербата и таа позиција, зашто многу контроверзии се поврзани со неговото име и ќе се воздржиме од гласање. Предложивме и да се укине техничката влада како спротивна на Уставот, но тоа беше одбиено од владејачкото мнозинство од неразбирливи причини, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за „24 Анализа“ на Телевизија 24.

Имињата на министри и заменици кои од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат во техничката влада не ги соопшти, рече дека од Извршниот и Централниот одбор добил овластување да ги предложи имињата, но дека е многу зафатен со други активности во партијата за да размислува за имињата.

-Затоа што ова е за нас технички период од 100 дена што треба да го обезбеди технички процесот и неговата кредибилност, рече Мицкоски. 

На прашањето како техничките министри од ВМРО-ДПМНЕ  ќе му реферираат на техничкиот премиер Џафери кога не го признаваат, одговори дека не верува оти ќе има потреба од тоа. Но, рече, тоа нема да биде саботажа, ни недоаѓање, туку тие ќе бидат презафатени во министерствата. 

Соопшти дека формирале комисија за преговори за коалицирање со политичките партии - во првата половина на февруари ќе разговараат со тие што се веќе дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а во втората половина на идниот месец и со сите други партии кои, рече, имаат намера и желба да пристапат во коалиција, за во март тоа да биде завршено и да почнат со подготовка на кампањата за избори.

Немал средби со Павле Трајанов и Димитар Апасиев  за да разговара за коалицирање, но истакна дека е „неодговорно и незрело во политиката да се затвораат вратите“. Притоа посочи дека тие што ја „анатемизираат Левица“, на локално ниво се во коалиција токму со таа партија. 

Во однос на партнери од албанскиот политички блок, Мицкоски одговори дека сакаат тоа да биде обединетата албанска опозиција но не сакаат, рече, многу да зборуваат за тоа да не се злоупотреби и да ја нападнат албанската опозиција дека соработува со ВМРО-ДПМНЕ. 

Според нивните анкети, очекува ВМРО-ДПМНЕ да има меѓу 51 и 54 пратеници на парламентарните избори, СДСМ од 26 до 28, ЗНАМ и Левица околу 12 и 26-28 пратеници да добијат албанските политички партии.

Дали ДУИ би им бил коалициски партнер ако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, Мицкоски одговори дека  разликата меѓу обединета албанската опозиција и ДУИ не е таква каква што ја очекува ДУИ и дека по 20 години таа партија треба да замине во опозиција за по четири години „да се појават со нова програма на политичката сцена“. 

-ДУИ ќе биде многу непријатно изненадена од резултатот на изборите во услови на албанската опозиција... Разликата меѓу консолидиран албански опозициски блок и ДУИ нема да биде така како што тие мислат, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.  

Во однос на нивниот кандидат за претседателските избори, Мицкоски рече дека се уште прават анализи за кандидати, кругот е потесен и ќе бидат соопштени на конвенцијата на 2 март. Како што рече, формално, секој што ќе ги исполни условите од огласот ќе може да учествува, но дека партиското раководство ќе одлучи зад кого ќе застане. 

За лидерска средба со претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, пак, рече „нема потреба да се прави естрада од вообичаена работа и да се оптоварува јавноста“, туку тоа треба да биде формалност и за сите отворени прашања може да разговараат телефонски „како цивилизирани луѓе“.

-Имавме лидерска средба во Собранието со одлука за датум и тоа е доволно. Да правиме баук од нешто што е вообичаена работа е непотребно, додаде Мицкоски.  

Демантираше наводи дека редовно комуницира со Зоран Заев и смета дека тоа е „повторно фолклор и естрада за што не вреди да се коментира“. Со експремиерот, рече, се поздравувал на јавни настани како што „од култура“ би се поздравил и со сите други.

Мицкоски одговори дека „не менува ништо“ доколку уставните измени се стават на дневен ред пред изборите, затоа што ќе нема 80 пратеници за да се изгласаат. 

-ВМРО-ДПМНЕ има јасен став – вакви какви што се, уставните измени нема да ги поддржи ни да ги гласа, ни сега, ни во иднина нема да гласа за уставни измени под бугарски диктат, рече Мицкоски. Кажа и дека се подготвени веднаш по формирање на владата да се сретнат со властите во Софија за да  разговараат како да се излезе од состојбата „по авантурите со кои оваа Влада ја доведе државава“.  

Прашан за иницијативата на неговата партија до Уставниот суд да се стави вон сила Законот за лични документи, Мицкоски одговори дека  овој суд, како највисок орган во државата, може уште утре да се состане, како што рече, „доколку постои волја и ако не останат слепи и глуви на понижувањата на граѓаните“. Притоа посочи дека ќе треба најмалку една година само за фотографирање на 1,3 милион граѓани колку што останале за промена на документи. хс/бак/ 

Фото: принтскрин / „24 Анализа“ 

 

Остани поврзан