Влатко Стефановски 50-годишниот јубилеј го одбележува во Сава центар во Белград
- Влатко Стефановски, познатиот македонски виртуоз на гитара, на 16 декември во Сава центар во Белград со концерт со пријателите ќе одбележи 50 години од својата кариера, јави дописникот на МИА од Белград.
Белград, 4 јуни 2024 (МИА) - Влатко Стефановски, познатиот македонски виртуоз на гитара, на 16 декември во Сава центар во Белград со концерт со пријателите ќе одбележи 50 години од својата кариера, јави дописникот на МИА од Белград.
-Пресек на долгата и успешна музичка кариера почнувајќи од „Леб и сол“ и соло кариерата, феноменалните изведби на Влатко ќе ги заокружат гостите, познатите музичари: Џибони, Мирослав Тадиќ, Дамир Имери и V3 Trio составено од басистот Иван Кукиќ и тапанарот Јан Стефановски. Публиката ќе ужива во спојот на инструменталниот рок, етно џезот, блузот и македонската традиционална музика, пишуваат белградските медиуми „Данас“ и „Блиц“.
Влатко Стефановски е роден во 1957 година во Прилеп, Македонија, каде што ја започна својата музичка кариера како млад гитарист. Првиот значаен успех го постигна како член на култната група „Леб и сол“, која беше пионер во комбинирањето на традиционалната македонска музика со модерен рок звук. Преку работата со „Леб и сол“, Стефановски стана препознатлив по својата исклучителна гитарска техника и креативниот пристап кон музиката.
По распадот на групата „Леб и сол“, Влатко се посвети на самостојна кариера и издаде бројни албуми кои го отсликуваат неговиот широк музички опус. Неговата соло кариера опфаќа различни музички жанрови, истражувајќи области како џез, блуз, етно-музика и акустична гитара. Соработката со врвни музичари ширум светот дополнително го збогати неговиот музички израз.
Награден и признат Стефановски е добитник на Орден за заслуги и на македонската државна награда за животно дело во културата и уметноста „11 Октомври“. Покрај тоа, тој доби и титула - почесен доктор на уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, потврдувајќи го неговиот значаен придонес на светската музичка сцена. Неговата страст за музиката не само што ја обликуваше неговата кариера, туку остави и траен белег на музичкото наследство на регионот, пишуваат белградските медиуми. об/мд/