• среда, 27 ноември 2024

Власта повикува на обединување, опозицијата бара предвремени избори

Власта повикува на обединување, опозицијата бара предвремени избори
Скопје, 30 септември 2022 (МИА) – Парламентарното мнозинство е стабилно и засега брои 64 пратеници, а премиерот Димитар Ковачевски од Собранието ги повика сите општествени чинители да се исправат пред предизвикот на пресудните моменти за заокружување на државноста, преку полноправното зачленување во Европската Унија. Лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски, вчера пак, рече дека ВМРО-ДПМНЕ бара и работи на предвремени избори, порачувајќи дека нема да навлегува во тоа дали има или нема Владата мнозинство. - Парламентарното мнозинство е стабилно и засега брои 64 пратеници, изјави вчера претседателот на Собранието Талат Џафери на редовната средба со новинарите. Прашан дали некој од пратениците на ДУИ го променил статусот во независен пратеник, Џафери рече дека нема такво известување до него и оти официјалниот статус е „пратеници на ДУИ“. -Сечие право е да си го искаже својот статус како пратеник и во тоа има слобода. Нема известување. Официјалниот статус е пратеници на Демократската унија на интеграција, рече претседателот на Собранието. Џафери не сакаше да ги коментира случувањата во неговата матична партија ДУИ откако членови на партијата преку отворено писмо до јавноста обвинуваа дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување, станало индивидуално. Вели дека нема комуникација ниту со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кој не доаѓа на редовните средби во понеделник, а како што рече, немаат ниту неформални средби бидејќи тие се злоупотребувале. Премиерот Димитар Ковачевски вчера ги повика сите општествени чинители да се исправат пред предизвикот на пресудните моменти за заокружување на државноста, преку полноправното зачленување во Европската Унија. -Тоа го очекуваат нашите граѓани. Тоа и треба на нашата држава и ние сме подготвени тоа да го направиме. Дојдено е време за заедништво, време за храброст и за лидерство и ние сме подготвени да подадеме рака, надминувајќи се себе си и тесно партиските интереси, рече Ковачевски од собраниската говорница. Според лидерот на опозицијата, само предвремени избори можат да ја спасат земјата од дополнителни порази. - Дали има или нема Владата стабилно мнозинство, јас нема да навлегувам во такви детали, но она што сакам да го кажам е дека ВМРО-ДПМНЕ бара и работи на предвремени парламентарни избори, бидејќи само предвремени избори можат да ги спасат Македонија и граѓаните од дополнителни порази. Се останато е само нижење дополнителни порази, рече Мицкоски вчера на прес-конференција. аа/бак/

Остани поврзан