• вторник, 24 декември 2024

Владиката Партениј сослужуваше на Литургија на гробот на Пресвета Богородица во Гетсиманија

Владиката Партениј сослужуваше на  Литургија на гробот на Пресвета Богородица во Гетсиманија
Дебар, 24 септември 2022 (МИА) - На гробот на Пресвета Богородица во Гетсиманија, беше одржана Литургија на која  игуменот на Бигорски манастир, епископ Антаниски г. Партениј, сослужуваше со Митрополитот г. Јоаким, игумен на нејзиниот сечесен Паметник во Гетсиманија.
 
- Преубава Литургија која ги вознесуваше нашите души во благодатните прегратки на Царицата Мајка. Заедно со овие две благословени чеда на Богомајката, кои со своите души се силно прилепени кон Неа, служеа и Архимандритот Дионисиј, Игумен на свештеното поклониште на Темницата каде што бил затворен Христос, архимандрит Доситеј и јеромонасите Кирил и Анатолиј од Бигорската Обител, како и други четири свештенослужители од православната Црква на Србија, информираа од Бигорски манастир.
Човечкиот говор, додаваат, нема доволно моќ да ги опише благодатните бранувања и доживувања на душите на свештенослужителите и на верниците "собрани околу гробот од кого воскресна Мајката на Животот".
За време на Евхаристијата на тоа свештено место, човек се чувствува дека на некој таинствен, неискажлив начин се наоѓа во својот вистински дом и татковина.
- Долго време Бог чекал да се појави таква личност, што со својата надразумна и надангелска чистота и со својата безусловна и беспрекорна љубов кон него, би можела да му ја отвори вратата, та да може тој да влезе во човечкото естество и во неговата историја. Таа личност беше несомнено Пресветата Дева Марија, скромната и Пренепорочната девојка од Назарет. Таа е новиот спасителен кораб на Ное, во кого се спасува сето човештво, таа е мост и лествица помеѓу небото и земјата, помеѓу Бог и човекот,  таа не беше плод на гревот, туку нов цвет на правдата, таа стана сместувалиште на несместливиот, ново небо и нова земја– како што мошне убаво се изразува за Неа свети Никола Кавасила, ветената земја, татковина на вечно живите, потсетуваат од манастирот на зборови на владиката Партениј.
Тој додава дека пресвета Богородица, како онаа која е поширока од небесата, е наша Водителка што ги води верниците од сите епохи кон Христа.
-Истовремено е дарителка на сите божествени добра кон луѓето и кон созданието. Затоа, обидот да се прикаже величието на Богородица ги надминува човечките сили, порачува г.Партениј.
 
Епископ Партениј, со дел од бигорското  братство е во посета на Ерусалимската патријаршија со благослов на Архиепископот . г. Г. Стефан и на митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. вт/бк

Остани поврзан