Владиката Партениј за употребата на социјалните мрежи и вештачката интелигенција
- Епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорскиот манастир се осврна на употребата на социјалните мрежи и вештачката интелигенција, оценувајќи дека она што ја карактеризира нашата епоха особено предизвикувачко е начинот на кои тие се користат, посебно „социјалните мрежи на кои одредени поединци, без вистинско знаење, но со нескротена амбиција, се претставуваат како авторитети во верата, што е навистина погубно за црковното ткиво“.
Дебар, 13 јануари 2025 (МИА) - Епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорскиот манастир се осврна на употребата на социјалните мрежи и вештачката интелигенција, оценувајќи дека она што ја карактеризира нашата епоха особено предизвикувачко е начинот на кои тие се користат, посебно „социјалните мрежи на кои одредени поединци, без вистинско знаење, но со нескротена амбиција, се претставуваат како авторитети во верата, што е навистина погубно за црковното ткиво“.
-Во денешно време, сите стануваат „учители“ на интернет. Гледаме луѓе, кои себе си се сметаат за големи православци, немаат ни соодветна теолошка наобразба, ниту потребно искуство и призив, а сепак, создаваат сајтови, платформи и профили, прогласувајќи се себеси за авторитети во верата. Оние кои Светото Писмо ги нарекува „необрезани по дух и по срце“, шират своја верзија на „вистината“, на „православието“, без љубов, без смирение, без црковна свест и без вистински личносен однос со Бога, вели владиката Партениј.
Додава дека овие самоповикани учители и инструктори ја проповедаат верата без лично да ја живеат, се ставаат себе си и над владици, свештеници, синоди и нивните дела и зборови не сведочат за Христовата љубов и вистина.
-Наместо тоа, тие создаваат смут меѓу луѓето, воведуваат поделби и водат кон заблуди, фанатизам, осудување. Иронијата е што многумина од нив не се ни препознаваат кои се – скриени зад анонимни или јавни профили или ботови, тие ја користат технологијата, за да го распространат својот дух на тврдоглавост, фанатичност и осудување. Најново, живееме во време кога дури и вештачката интелигенција може да ни даде одговори за разни теолошки прашања; да ни каже, на пример, за животот на Свети Стефан, или за некои други аспекти на теологијата. И оние чијшто живот се претворил во еден, би рекле, „православен андроид“, кои постојано киснат на социјалните мрежи и си мислат дека прават големо дело за верата и дека се прави проповедници и исповедници, ги злоупотребуваат можностите на вештачката интелигенција за погубни цели, најчесто за клевети и осудување, посочува владиката.
Меѓутоа, нагласува, да се потсетиме дека, пред сè, вештачката интелигенција не е интелигенција во онтолошка смисла на зборот, туку тоа е еден несреќно избран термин, дека тоа е, всушност, една огромна база, или како што модерно се нарекува „облак“ на податоци и на човечки знаења стекнати со огромен труд, напор и време, којашто функционира според принципот на математички алгоритми.
Според него, со други зборови, тоа доаѓа како еден вид крадење на човечкото искуство, без никаков напор и одговорност и затоа, одговорите што ги даваат тие платформи се плод на алгоритми и на брзо и лесно присвојување на туѓ труд, а не на искуството на живата вера.
-Тие не можат да ни ја откријат длабочината на Христовата љубов и наука и преобразувачката моќ на Светото Евангелие. Токму затоа е особено важно да не се препуштаме на дигиталните и површни одговори и написи. Не заборавајте дека верата е пред сè и над сè живот – живот во Христа, живот во заедница со Него и со Црквата Негова. Само преку живо сведоштво и лично искуство, преку учество во Светата Литургија и во Светите Таинства на Црквата и преку подвигот на љубовта, саможртвата и смирението можеме да Го запознаеме Христа и да бидеме Негови вистински ученици, порачува тој.
Она што се случува на социјалните мрежи, вели владиката, каде што одредени поединци, без вистинско знаење, но со нескротена амбиција, се претставуваат како авторитети во верата е, навистина погубно за црковното ткиво. Такви луѓе, за жал, според него, не само што не сведочат за Христа, туку многу повеќе предизвикуваат смут, раздор и конфузија меѓу верниците.
-Еден исфрустриран човек, на пример, кој се покажал како неуспешен во естрадната сцена или во другите аспекти на животот, сега се занимава со ширење небулози и неосновани клевети, злоупотребувајќи го притоа логото и името на МПЦ. И илјадници го следат на социјалните мрежи, но тој, наместо да ги упатува верниците кон Христос, предизвикува раздор. Во него гледаме одраз на оние ликови од времето на Свети Стефан, кои, полни со тврдоглавост и гордост, не сакале да ја слушнат вистината и го каменувале Архиѓаконот до смрт. Каменување и линчување во духовна смисла имаме и денес. И сега имаме самозамислени праведници, учители, чувари на „чистотата на верата“, тврдоглави и закоравени во своите ставови, коишто не сакаат да послушаат друг, да слушнат друго мислење, да размислат, да прифатат аргументи и факти, туку однапред ги имаат „изградено“ своите ставови, засновани на гордост, егоизам, инает и спротивставување, нагласува владиката Партениј. вт/дма/
Фото: Бигорски манастир