• петок, 08 ноември 2024

Владејачката коалиција во Хрватска го поддржа новиот државен обвинител и покрај афера

Владејачката коалиција во Хрватска го поддржа новиот државен обвинител и покрај афера

Загреб, 6 февруари 2024 (МИА) - Премиерот и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ денеска изјави дека сите претставници на владејачката коалиција го поддржале предлогот за назначување на судијата на Вишиот кривичен суд Иван Турудиќ за главен државен обвинител.

Пленковиќ денеска одржа средба со претставниците на парламентарното мнозинство поради скандалот предизвикан со објавувањето на стотина пораки што ги разменија судијата Турудиќ и поранешната државна секретарка на ХДЗ, Јосипа Плеслиќ, претходно Римац, обвинети за корупција.

„Единствен став на мнозинството е дека утре (во Парламентот) ќе го поддржат Турудиќ за нов главен државен обвинител“, нагласи Пленковиќ.

Тој оцени дека објавувањето СМС пораки од истрагата против Римац и критиките на опозицијата се „медиумско-политички напад врз Владата“.

„Се е координирано, јасно е дека тие пораки се темпирани пред избори“, заклучи премиерот, оценувајќи дека е „страшно“ што излегле пораките, но не и нивната содржина.

На новинарски прашања дали смета дека е непристојно што Турудиќ како кандидат за главен државен обвинител лажел за неговиот однос со Римац и дали може да биде кандидат за толку важна функција, Пленковиќ одговори дека „нема ништо релевантно“ во пораките.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ вчера му предложи на премиерот да свика седница на Советот за национална безбедност поради вонредната и неочекувана ситуација во хрватскиот правосуден систем поради случајот Турудиќ, но Пленковиќ претходно во изјава за новинарите го одби.

Во изминатите денови Милановиќ се спротивстави на владиниот предлог да се именува судијата Турудиќ за главен државен обвинител, оценувајќи дека за тоа постојат безбедносни пречки.

Утре пратениците треба да гласаат за новиот државен обвинител. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

 

Остани поврзан