• понеделник, 23 декември 2024

Владата ја усвои Нацрт Реформската агенда 2024-2027 за Планот за раст за земјите од Западен Балкан

Владата ја усвои Нацрт Реформската агенда 2024-2027 за Планот за раст за земјите од Западен Балкан

Скопје, 16 април 2024 (МИА) - Владата на денешната седница ја разгледа и усвои и Информацијата од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) за статусот на подготовка на Реформската агенда 2024-2027, во рамки на Планот за раст за земјите од Западен Балкан и ја усвои усогласената верзија на Нацрт Реформската агенда.

Како што се наведува во соопштението од седницата, првиот заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за финансии Фатмир Бесими се задолжени да ја достават усогласената верзија на Нацрт Реформската агенда до Европската комисија.

Ажурираната Нацрт Реформска агенда, како што се наведува, се споделува со Европската комисија со цел усогласување на листата реформски приоритети и мерки, со конкретни рокови предложени од македонска страна, со Европската Унија. Усогласувањето на Нацрт реформската агенда меѓу Северна Македонија и Европската Унија ќе продолжи и во наредниот период и треба да се заврши најдоцна до 26 април 2024 година, а финалната верзија на Реформската агенда да се усвои најдоцна до средината на мај 2024. По утврдувањето на финалната верзија на Реформската агенда и усвојувањето од Европската комисија, како што е образложено од СЕП, ќе се отвори можноста за потпишување на договорите за инструментот за реформи и раст и за заем и со тоа поднесување Барање за повлекување на првата транша, односно за авансот во висина од 7% од алокацијата за нашата држава.

Предвидена е исплата на средства од Планот за раст за Западен Балкан, два пати во годината. А, за Република Северна Македонија, приоритетите коишто беа договорени во Реформската агенда се однесуваат на приоритетните области: Управување / Реформа на јавна администрација и Управување со јавните финансии; Дигитална, Енергетска / Зелена транзиција; Човечки капитал; Деловно опкружување и Владеење на правото. ев/са/

ФОТО: Влада 

Остани поврзан