• вторник, 24 декември 2024

Владата ја одржа 67-та седница

Владата ја одржа 67-та седница
Скопје, 27 април 2021 (МИА) - На денешната 67 седница, Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и донесе измени и дополнувања на мерките за заштита и спречување на ширењето на КОВИД-19.
Со овие измени и дополнувања од утре, 28 април, забраната за движење на населението и на возила од јавен превоз на целата територија на државата, наместо од 20:00 ќе важи од 21:00 до 5:00 часот наредниот ден.
Исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови од 1 мај до 2 мај, односно за време на верскиот празник Велигден, како и вечерта на 13 мај за време на верскиот празник Рамазан Бајрам.
Почнувајќи од 28 април сите угостителски објекти ќе можат да работат само во отворените делови, односно на терасите на угостителските објекти и тоа до 20:30 часот после што ќе бидат затворени за посетители.
Оние компании од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе можат да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, а забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично, останува.
Исклучок од ова се угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и во објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата кои се сместени во овие објекти, кои ќе продолжат да работат како и до сега.
Соодветно на овие исклучоци ќе се применуваат адаптираните Протокол за отворање и работа на кафетериите, Протокол за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана и Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од КОВИД-19.
Почнувајќи од 28 април престанува да важи забраната за организирање, одржување и присуство/учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков тип.
Согласно препораките на Комисијата останува забраната за работа на сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање на затворен простор. Исклучок од оваа забрана се оние компании од овие дејности кои можат работата да ја организираат на отворено со примена на мерките за лична заштита.  Новите мерки важат до 15 мај.
На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за формирање регионални центри за КОВИД - 19 вакцинација и го задолжува Министерството за здравство, во соработка со Министерството за образование и наука и општините Битола, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Куманово, да го координира спроведувањето на неопходните активности за формирање на пунктовите по примерот на пунктот организиран во спортската сала „Борис Трајковски“ во  Скопје.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за воведување нова бескаматна кредитна линија ,,КОВИД 4’’ со грант компонента како една од мерките од шестиот пакет анти-ковид економски мерки.
Владата ги задолжи Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и Министерството за финансии во соработка со Развојна банка на Северна Македонија да ги преземат неопходните чекори за операционализација на мерката која предвидува 615.000.000 денари од буџет да бидат наменети за тековни средства и ликвидност на микро, мали и средни трговски друштва од најпогодените сектори од КОВИД - 19, како што се занаетчии кои плаќаат давачки на реален приход, трговски друштва од дејноста туризам, приватните здравствени установи и други дејности.
Мерката предвидува, доколку кредито-корисникот ги исполни условите опфатени со неа, заемот да се трансформира во грант во висина до 50% од бескаматниот кредит.
Согласно член 10, став 1 од Законот за Државен пазарен инспекторат (ДПИ) според кој Владата го именува и разрешува директорот на ДПИ, на денешната седница Владата го разреши Стојко  Пауновски од функцијата директор на ДПИ, поради неговото непрофесионално однесување.
Оваа консензуално донесена одлука е донесена според Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на владата и според  Законот за Државен пазарен инспекторат.
На предлог на Министерството за правда на денешната седница е утврден Предлог-законот за изменување на Законот за матична евиденција со кој ќе се овозможи признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица согласно позитивното меѓународно законодавство и почитувањето на сите човекови права.
Владата денеска го утврди текстот на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование кој доаѓа од потребата од воведување на целосно нов систем за изработка и одобрување на наставни средства и материјали како резултат на консултациите со засегнатата и стручната јавност, наставниците, учениците, но и со родителите/старателите околу квалитетот на учебниците.
При изготвување на новото законско решение беа земени предвид стратешките документи и препораки донесени од страна на Европската Комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата во чиј фокус се развојот на дигиталните вештини на учениците, креирањето и употребата на дигитални наставни материјали, развојот на едукативни платформи, развојот на дигиталните вештини на наставниците и трансформацијата на училиштата во средини во кои се негуваат и развиваат дигиталните вештини и компетенции на учениците со крајна цел поголема инклузивност и зголемување на квалитетот на образовниот процес.
Имено, во септември 2020 година Европската комисија усвои две иницијативи кои имаат за цел да  го зајакнат придонесот на образованието и обуката во закрепнување на ЕУ од кризата и да помогнат во градењето „зелена“ и дигитална Европа.
Првата иницијатива е заживување на Европска област за образование со шест димензии: квалитет, инклузија и родова еднаквост, зелени и дигитални транзиции, наставници, високо образование, посилна Европа во светот.
Втората иницијатива е новиот Акциски план за дигитално образование (2021 – 2027) со иницијативи за висококвалитетно, инклузивно и достапно дигитално образование во Европа. Планот предвидува акција и посилна соработка меѓу земјите членки на европско ниво, како и меѓу сите засегнати страни, со цел системите за образование и обука да се направат соодветни за дигиталното време. Здравствената криза го стави учењето од далечина во центарот на образовните практики.
Тоа ја истакна потребата од унапредување на дигиталното образование и негово третирање како клучна стратешка цел за висококвалитетно учење и учење во дигиталното време.
Како што ќе се надминува фазата на вонредна состојба наметната од избувнувањето на пандемијата, така ќе расте потребата од развивање стратешки и долгорочен пристап кон дигиталното образование и обука. Спомнатите иницијативи ќе треба да понудат начини за подобрување на квалитетот, особено во однос на основните и дигиталните вештини,  да го направат училишното образование поинклузивно и родово чувствително и да ги подобрат постигањата на учениците.
Владата денеска донесе шест одлуки за давање согласност за долготраен закуп на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија во атарот на Општина Свети Николе заради изградба на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, односно за изградба на фотонапонски електрични централи.
Министрите во Владата денеска го утврдија текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање со кој, меѓу другото, се овозможува голем број села во Северна Македонија да останат и понатаму покриени со урбанистичка документација и да продолжат да ги спроведуваат општите акти со што директно ќе се влијае на намалувањето на бројот на можни идни дивоградби во руралните средини, на степенот на иселувања на руралните средини како и на буџетот на општините со седиште во село.
Понатаму, ќе се овозможи усогласување на Законот за градење со Законот за урбанистичко планирање, како и поедноставување на одредени постапки и воведување на поголем степен на флексибилност и на намалување на вкупното време на постапките за планирање и градење.
На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за вкупно пријавени штети, согласно Елаборатите доставени од Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата од елементарни непогоди формирана од Владата, согласно Законот за заштита и спасување во 2016, 2017 и 2018 година, а за кои нема донесено никаква одлука за надомест.
Заради решавање на ова прашање, Владата заклучи да се подготви измена на Законот за заштита и спасување во делот за процена на штета и помош во отстранувањето на последиците од природни непогоди и други несреќи за определување рок за доставување вкупен извештај за штети во земјоделството до Владата од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во насока на реализација на препорачаното решение, Министерството за земјоделство предложи со измените на Законот за заштита и спасување да достави вкупен извештај за настаната штета во земјоделството во периодот од 2016 до 2019, врз основа на извештаите доставени од страна на Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата од елементарни непогоди.скс/

Остани поврзан