• вторник, 24 декември 2024

Владата го усвои Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк

Владата го усвои Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк
Скопје, 3 март 2021 (МИА) – Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II – национален парк, подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање, е усвоен на вчерашната 50-та седница на Владата. - Со тоа земјава ќе го добие четвртиот национален парк, по прогласување на последниот во 1958 година. Доколку Собранието го поддржи и усвои овој наш предлог ќе го добиеме првиот национален парк од прогласувањето на неазвисноста со што вкупната површина на заштитени подрачја на национално ниво ќе изнесува 13,2 отсто, соопшти денеска на прес-конференција министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Основна цел на ова законско решение е прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје од втора категорија – Национален парк, заради обезбедување заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес. Министерот Нуредини истакна дека иницијативата за прогласување на македонскиот дел од Шар Планина за национален парк датира од 1994 година и досега се направени многу неуспешни обиди и напори од експертите, невладиниот сектор и меѓународната заедница. - Во овој последен обид ние вложивме многу труд и време за да дојдеме до квалитетен Предлог-закон со кој би обезбедиле максимална заштита, но исто така и почитување на потребите на различните засегнати страни, а пред се потребите на локалното население, нагласи Нуредини. Тој изрази благодарност до експертите, академската заедница, до сите странски партнери за финансиската поддршката и до организацијата „Пријателите на Шара“. Нуредини информира дека првата одлука за прифатливост на иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк од Владата е донесена во мај минатата година. Министерството за животна средина и просторно планирање подготви Предлог-закон и спроведе јавни консулатции кои траеја четири месеци. По завршените консултации и анализата на пристигнатите мислења и коментари од јавноста се пристапило кон ревидирање на Студијата за валоризација на природните вредности и Социоекономската студија од страна на експертскиот тим, со дополнителен ангажман на експерти од Меѓународната унија за конзервација на природата (ИУЦН), кои веќе се подготвуваат да работат на Планот за управување на идното заштитено подрачје Шар Планина, ангажирани од Канцеларијата на Обединети Нации за животна средина во соработка со МЖСПП. Беа одржани дополнителни средби со клучните засегнати страни и локалното население за усогласување на различните забелешки и барања по што беше доставен и Анекс на Студијата за валоризација со ажуриран предлог за зонирање на идниот национален парк. Финалниот предлог за прогласување на дел од Шар Планина во нациоанлен парк е преточен во Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II – национален парк. Министерот Нуредини рече дека во границите на националниот парк Шар Планина се вклучени 30 села, а заштитената територија изнесува 62.705 хектари со цел обезбедување еднаков третман и можности за нивен иден развој. Нуредини информира дека откако Собранието ќе го усвои законот, Владата ќе треба да основа јавна установа Национален парк во рок од три месеци, за што се обезбедени средства од буџетот. Одговорајќи на новинарско прашање, Нуредини рече дека оние кои имаат концесии за изградба на хидроцентрали, а досега не изградиле, да се потрудат да седнат на маса со инвеститорите и, како што рече, да најдат начин да се повлечат. - Да се обидеме заедно како Влада да го заштитиме подрачјето, но нови други нема да има, рече Нуредини. мд/сп/

Остани поврзан