• вторник, 24 декември 2024

Владата ги усвои новите мерки, се укинува носењето маска на отворено, дозволени свадби и прослави

Владата ги усвои новите мерки, се укинува носењето маска на отворено, дозволени свадби и прослави
Скопје, 1 јуни 2021 (МИА) - Владата денеска на седница ги прифати измените и дополнувањата на рестриктивните мерки согласно препораките на Комисијата за заразни болести, утврдени како предлози на 39-тата седница на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација за спречување на внесување и ширење на КОВИД-19. Како што соопштија од владината прес-служба, почнувајќи од денеска, 1 јуни, се укинува носењето заштитна маска на отворено и се препорачува да се носи кога лицата се во поголема група. Останува задолжителното носење заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори. Се дозволува присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30 отсто од вкупниот капацитет на посетители. Се укинува забраната за групирање на јавен простор. Се дозволува организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор - летни тераси, до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 отсто од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса. Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од четири лица на шест лица со обезбедување дистанца помеѓу лицата на масата. Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина и продолжува да важи забраната за движење од 24:00 до 04:00 до 15 јуни. На оваа седница, Владата го донесе и протоколот за организирање свадби/прослави и веселби.бт/лв/

Остани поврзан