• сабота, 21 декември 2024

Вкупно 69 кривични дела за семејно насилство во Кавадарци за две години, ниту една жртва не побарала парична помош

Вкупно 69 кривични дела за семејно насилство во Кавадарци за две години, ниту една жртва не побарала парична помош
Кавадарци, 13 август 2022 (МИА) - Вкупно 69 кривични дела за семејно насилство во Кавадарци се регистрирани за последните две години, а ниту една жртва не побарала парична помош од Општината во тој период. Само во еден случај, сторител било женско лице. Возрасната граница на жртвите од семејно насилство била од седум до 75 години. Ова го покажува анализата што МИА ја направи врз основа на податоците добиени од Здружението за родова еднаквост „Визија“ од Кавадарци. Благица Коцева-Тодорова, претседателка на Здружението, вели дека наскоро Тиквешкиот регион треба да го добие првиот регионален Советувалишен центар за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство. Во регионалното советувалиште, финансиски поддржано од локалните самоуправи на Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија, ќе се нуди помош од стручни лица од различни профили. Коцева Тодорова ја нагласува и поддршката што ја добиваат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. Од страна на МВР, Здружението за родова еднаквост ,,Визија" од Кавадарци било информирано дека на територијата што ја покрива ОВР Кавадарци, општините Кавадарци и Росоман, инспекторот за семејно насилство, во поглед на работата и услугите за жени и деца жртви на семејно насилство, соработува со Центарот за социјална работа Кавадарци и нивните стручни служби. - Според табелата за кривични дела и сторители во врска со семејно насилство за 2020 година во општината Кавадарци, евидентирани се вкупно 33 кривични дела, од кои дури 32 со физичка сила или закана. Само во еден случај, сторител било женско лице. Во 29 случаи, делото било извршено поради растројство, а три пати поради алкохол. Девет пати сторител бил сопруг, пет пати маж од вонбрачна заедница. Во четири случаи тоа бил син и во исто толку наврати, татко. По еднаш, сторители се и поранешна сопруга и поранешен сопруг. Едно убиство од страна на машко лице, под дејство на растројство, посочува Коцева-Тодорова. Регистрирани се 13 случаи на телесна повреда, со физичка сила или закана, во кои само еднаш сторител е жена. Во три наврати тоа е сопруг, во два случаја станува збор за татко и во исто толку, за маж во вонбрачна заедница. Во три случаи, сторителот е син, поранешна сопруга, поранешен сопруг. Единаесет пати повредата настанала поради растројство, а двапати под дејство на алкохол. - Забележана е една тешка телесна повреда, сторителот е маж и го извршил делото под дејство на растројство, со физичка сила или закана. Во 17 случаи имало загрозување на сигурноста, со физичка сила или закана. Петнаесет пати поради растројство, а еднаш под дејство на алкохол. Шеснаесет пати сторител на загрозувањето на сигурноста било машко лице. Во шест наврати тоа било сопруг, три пати бил син. Во два случаја сторителот бил татко и во исто толку, маж во вонбрачна заедница. Посредување во вршење проституција, е евидентирано во еден случај, од страна на машко лице во вонбрачна заедница, под растројство, со физичка сила или закана, појаснува Коцева-Тодорова. Дваесет и една телесна повреда и 14 загрозувања на сигурноста, една присилба  регистрирало Министерството за внатрешни работи, за 2021 година во општината Кавадарци. Или, вкупно 36 кривични дела во врска со семејно насилство. Сите, со физичка сила или закана. Само една телесна повреда под дејство на алкохол, сите други кривични дела извршени под растројство. Само во два случаја, кривичното дело и тоа телесна повреда, го сторило женско лице, сопруга. Седумнаесет пати сторителот бил сопруг. Во четири случаи тоа бил син, во три наврати бил татко. Забележани се и двајца сторители поранешни сопрузи, како и петмина мажи, лица од вонбрачна заедница. Три телесни повреди и четири загрозувања на сигурноста како облик на семејно насилство, се евидентирани во првото тримесечје од оваа година. Сите под растројство и со физичка сила или закана. Само една телесна повреда била сторена од женско лице, сопруга. Сите други кривични дела биле извршени од машки лица. Во три случаи тоа бил сопруг, во два наврати сторител бил син, а еднаш како извршител на кривичното дело се јавува поранешен сопруг. - Што се однесува за подрачјето на Неготино, во 2020 биле запишани 21 кривично дело во врска со семејно насилство. Едно од нив е убиство, извршено од сопруг, под дејство на растројство. Регистрирани се и по десет телесни повреди и загрозувања на сигурноста. Сите дела се извршени од мажи. Во 12 случаи како последица на растројство и во девет случаи под дејство на алкохол. Во 18 случаи со физичка сила или закана, два пати со ладно оружје. Во девет наврати насилникот бил сопруг. Во пет случаи тој бил син, а еднаш бил татко. Во два случаја насилникот бил маж од вонбрачна заедница, вели соговорничката на МИА. Вкупно 18 кривични дела во врска со семејно насилство се регистрирани во 2021 на неготинско подрачје. Единаесет од нив се загрозување на сигурноста, шест се телесни повреди, а има и едно противправно лишување од слобода. Тројца од сторителите, се женски лица. Во десет случаи делото било реализирано со физичка сила или закана, а само еднаш со ладно оружје. Во девет наврати под растројство и исто толку, под дејство на алкохол. Сторителот најчесто бил сопруг, десет пати. Во три случаи тоа била сопруга, а во четири, син. На подрачјето на Неготино, во првото тримесечје од оваа година, впишани се осум случаи на семејно насилство. По четири телесни повреди и загрозувања на сигурноста. Сите извршени од мажи, подеднакво од сопрузи и синови. Шест пати со физичка сила или закана и два пати со ладно оружје. Во шест случаи под растројство и во два случаја, под дејство на алкохол. - Се обративме и до локалната самоуправа Кавадарци. Оттаму добивме информација дека податоци за жртви на семејно насилство добиваат од Центарот за социјална работа и дека во 2021 година имало 49 пријави за семејно насилство, 15 мажи и 34 жени. Општината секоја година имала програма за социјална заштита, во која, меѓу другото, биле предвидени и парични средства за помош на жртвите на семејно насилство. Но, во 2020 и 2021 немале добиено барања од жени, жртви на семејно насилство, открива Тодорова-Коцева. Таа смета дека причина за ова е стравот што го чувствуваат жртвите, од предрасуди и дискриминација, со оглед на тоа што станува збор за помали средини и луѓето се познаваат, па жртвите стравуваат дека ќе бидат обележани. Од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Кавадарци добиле одговор дека во 2020 година, се евидентирани 41 жртва на семејно насилство, од кои само три, од машки пол. Доставени биле девет предлози за изрекување привремени мерки до суд, две жртви биле упатени во советувалиште. Минатата година биле евидентирани 46 жртви на семејно насилство, од кои 38 од  женски пол, барани биле 13 времени мерки од судот. Во првиот квартал годинава забележани биле 13 жртви на семејно насилство, од кои 10 жени, три привремени мерки доставени до суд. Сите жртви добивале психосоцијална поддршка, а согласно проценката на ризик што ја прават стручните лица, во согласност со жртвата, се изнаоѓале решенија за нејзина најадекватна заштита. Во склоп на центарот, работело советувалиште кое нудело стручна советодавна работа на жртвите на семејно насилство, тим од социјален работник, педагог, психолог и правник. Според податоците што „Визија" ги добила од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Неготино, во 2020 година кај нив биле евидентирани 13 жртви на насилство, од 25 до 54 години. Девет од женски и четири од машки пол. Биле поднесени 12 предмети до судот, изречени се 19 мерки. - Во 2021 година, регистрирани се 11 жртви на семејно насилство, од седум до 61 година. Осум од нив, се женски лица. Поднесени се 8 предмети до судот, а изречени 18 мерки. Во првиот квартал на оваа година, запишани се шест жртви на семејно насилство, на возраст од 45 до 72 години. Четири од нив се жени. Доставени се три предмети до суд, а изречени пет мерки,  појаснува Коцева-Тодорова за МИА. Таа додава дека од неготинскиот центар кажале дека доколку нивниот стручен тим оцени дека има ризик и потреба од згрижување на жртва на семејно насилство во засолниште, веднаш се пристапува кон засолнување, со согласност на жртвата на семејно насилство. Од „Визија" потсетуваат дека долги години работат на полето на спречување на секаков вид на насилство. Така и ќе продолжат, сега и со советувалишниот центар и бесплатна помош од социјален работник, психолог и правник. - Спречувањето на насилство, освен што е предуслов за квалитетен живот, тоа е и обврска на нашата држава согласно ратификуваната Истанбулска конвенција, што е всушност и обврска за влез во Европската Унија, децидна е Коцева-Тодорова. Светлана Дарудова

Остани поврзан