Виткоф: Разговорите со Дмитриев беа продуктивни и конструктивни
- „Охрабрени сме од овој состанок и од она што Русија го прави за обезбедување мир во Украина и му благодариме на претседателот на САД, Доналд Трамп, за неговата одлучувачка улога во изнаоѓањето цврст и траен мир“, наведе Виткоф.
Вашингтон, 31 јануари 2026 (МИА) – Специјалниот пратеник на претседателот на САД, Стивен Виткоф денеска изјави дека разговорите за решавање на кризата во Украина со специјалниот претставник на рускиот претседател и генерален директор на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев, одржани во Мајами, Флорида, биле продуктивни и конструктивни.
Виткоф на платформата Икс оцени дека средбата претставува важен чекор во напорите за обезбедување траен мир во Украина, изразувајќи охрабрување од, како што наведе, активностите на Русија насочени кон обезбедување мир.
„Охрабрени сме од овој состанок и од она што Русија го прави за обезбедување мир во Украина и му благодариме на претседателот на САД, Доналд Трамп, за неговата одлучувачка улога во изнаоѓањето цврст и траен мир“, наведе Виткоф.
Тој додаде дека во американската делегација учествувале и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, министерот за финансии Скот Бесент, како и комесарот за федерални набавки во Управата за општи услуги на САД и висок советник во Белата куќа, Џош Груенбаум.
Виткоф и Дмитриев претходно се сретнаа на 20 јануари, на маргините на Светскиот економски форум во Давос.
Во Абу Даби на 23 и 24 јануари беа одржани трилатерални разговори меѓу Русија, САД и Украина, а нова рунда преговори е планирана за утре, исто така во Абу Даби. ссм/
фото: архива