• сабота, 22 февруари 2025

Виткоф: Развив пријателство со Путин во преговорите за Украина

Виткоф: Развив пријателство со Путин во преговорите за Украина

Вашингтон, 21 февруари 2025 (МИА) - Стив Виткоф, кој се наметнува како главен посредник за геополитички договори во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека развил „пријателство“ со рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Скај Њуз.

Виткоф беше назначен за пратеник на Трамп за Блискиот Исток по претседателските избори во САД, но во меѓувреме се вклучи и во преговори со Русија за ставање крај на војната во Украина.

На инвестицискиот форум во Мајами, организиран од Саудиска Арабија, Виткоф откри дека минатата недела отпатувал во Москва за да ослободи американски државјанин.

- Минав многу време со Путин. Разговаравме и изградивме пријателство, однос..., рече Виткоф, објаснувајќи ја тајната мисија за ослободување на американскиот државјанин Марк Фогел.

Иако деталите за преговорите не се објавени, се верува дека оваа средба ја променила динамиката на односите меѓу администрацијата на Трамп и Кремљ.

- Имав поддршка од претседателот Трамп, што е клучно. Освен тоа, Саудијците ни гарантираа дека договорот е реален. Затоа вредеше да патувам. Поминав многу време со претседателот Путин, што доведе до ослободување на Марк Фогел, изјави Виткоф.

Улогата на Саудиска Арабија во овие преговори покажува дека Ријад има сè поголемо геополитичко влијание. По посетата на Виткоф во Москва, организирани беа директни разговори меѓу САД и Русија во Ријад. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан