• понеделник, 23 декември 2024

„Виртуелно јас“, детска компјутерска графика во Мала станица

„Виртуелно јас“, детска компјутерска графика во Мала станица
Скопје, 28 јуни 2021 (МИА) - Националната галерија на РСМ, во соработка со Гимназијата „Алгоритам“, организира инклузивен проект за компјутерска графика насловен како „Виртуелно јас“, за децата од ранливите категории. Целта е стекнувањето на компјутерски вештини. -Живееме во свет на „паметни нешта“ во кој технологијата има масовна примена во секој сегмент од нашиот живот. Таа ни го олеснува секојдневието овозможувајќи ни пристап до секакви информации, но има и длабока социјална компонента, правејќи да сме поврзани, да комуницираме меѓу себе побрзо и полесно од кога било порано, се наведува во соопштението од Националната галерија. Во проектот ќе учествуваат училишта кои имаат инклузивни програми и институциите кои ги поддржуваат ранливите категории. -Тргнувајќи од тоа дека технологијата брзо се развива и станува неопходен дел од нашето живеење, овој проект имаше за задача да покаже дека компјутерот не прави разлика меѓу корисниците и нуди неограничени можности за изразување. Водени од стручни лица, децата истражуваа, учеа нови вештини и уживаа во широките можности што ги нуди дигиталниот свет. Крајниот резултат се изработените компјутерски графики, креативни дела во кои тие ни ја покажуваат својата виртуелна реалност, своето виртуелно Jас, велат од тимот. Во текот на април и мај била реализирана работната програма на проектот, при што пристигнале повеќе од стотина цртежи, комјутерски графики од неколку училишта и тоа, ДСУ „Св. Наум Охридски“, ООУ „Браќа Миладиновци“ – с. Жван, Демир Хисар, Здружение на психолози „Рилука“- Битола  , ООУ „Кирил и Методиј“ – Стајковци, ООУ „Кузман Јосифовски Питу“„ – Скопје, ООУ „Невена Георгиева – Дуња“ – Скопје, „Дама-Ел, Здружение на лица со посебни потреби, ПОУ „Иднина“ – Скопје, ПСУ „Алгоритам“, НВО „Имаго Плус“ – Скопје, НВО „Имаго Плус“ – Тетово. Одговорна за проектот е едукатор Маја Димитрова. Изложбата од сработените детски графики пред пошироката јавност ќе биде презентирана во објектот Мала станица на 30-ти јуни, во 13 часот и ќе може да се проследат во наредните 10 дена.свс/лв/  

Остани поврзан