• четврток, 26 декември 2024

Виртуелна средба на Џафери со Соботка

Виртуелна средба на Џафери со Соботка
Скопје, 1 декември 2020 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска оствари видео средба со претседателот на Националниот Совет на Република Австрија, Волфганг Соботка. Соботка, информираат од Кабинетот на Џафери, во однос на евроинтеграциите истакнал дека Австрија останува силен подржувач на Република Северна Македонија за што е можно побрзо отворање на преговорите и дека тој свој став цврсто го застапува на сите нивоа во институциите на Европската Унија. Во однос на бугарското вето, се вели во соопштението, Џафери истакнал дека каналите за комуникација остануваат отворени и дека се надева на надминување на разликите во преговарачкиот процес. Во спротивно, евроскептицизмот ќе расте, заклучил тој. Соботка се заблагодарил за телеграмата со сочувство упатена по терористичкиот напад во Виена на 2 ноември годинава, истовремено изразувајќи сочувство за државјанинот на Република Северна Македонија кој настрада како жртва. Двајцата соговорници, се вели во соопштението, се согласиле дека борбата против тероризмот бара вклучување не само на полицијата, туку и на целото општество, бидејќи тој не познава ниту религии, ниту етнички заедници, а казнените мерки, се важни исто колку и механизмите за превенирање и рано идентификување на радикализацијата. Тие ја пофалија активната соработка и ефективната размена на информации меѓу институциите на двете држави во борбата против тероризмот. Џафери и Соботка размениле мислења и во врска со состојбите во двете држави со пандемијата КОВИД-19 и оцениле дека ситуацијата е подеднакво тешка и дека притисокот кон здравството е силен.  Влијанието врз економијата е негативно и за справување со ширењето на вирусот потребно е координирано дејствување и целосно искористување на сите расположливи човечки и материјално - технички ресурси, оцениле двајцата соговорници. Двајцата, стои во соопштението, изразиле задоволство што и во овие вонредни околности на работење, продолжува соработката за формирање на Работилница за демократија во Собранието на Република Северна Македонија по примерот на онаа која делува во рамките на австрискиот Парламент, а која има за цел да сподели знаење и да го стимулира интересот за политика и за демократски процеси кај младите. Соботка изразил желба лично да присуствува на отворањето на Работилницата во Собранието на Република Северна Македонија. аа/бак/

Остани поврзан