• среда, 27 ноември 2024

Верхофштад: ЕУ ќе ги почитува заклучоците на граѓаните од Конференцијата за иднината на Европа

Верхофштад: ЕУ ќе ги почитува заклучоците на граѓаните од Конференцијата за иднината на Европа
Варшава, 8 јануари 2022 (МИА) - ЕУ ќе ги почитува заклучоците на граѓаните презентирани на Конференцијата за иднината на Европа, изјави денеска во Варшава нејзиниот копретседавач Ги Верхофштад. Конференцијата за иднината на Европа беше започната минатата пролет од страна на Европската комисија, Европскиот парламент и Советот на ЕУ за да ја доближи ЕУ до нејзините граѓани, да ги слушне нивните желби и очекувања и на крајот да ги следи нивните препораки во обликувањето на европските политики. . „Мислам дека уникатноста на овој процес, активното учество и начинот на работа ќе создадат такви очекувања и притисок што ќе биде многу тешко за институциите да ги игнорираат препораките што ќе ги добијат од Конференцијата за иднината на Европа“, рече Верхофштад во кампусот на Европскиот колеџ во Варшава. Верхофштад копретседава со Конференцијата во име на Европскиот парламент. Нешто помалку од 200 случајно избрани граѓани од сите земји-членки на ЕУ во петокот во Варшава почнаа да ги подготвуваат своите последни препораки до институциите на ЕУ за европските политики во областа на здравството, животната средина и борбата против климатските промени. Покрај панелот за здравје и животна средина, граѓаните ги подготвуваат своите препораки во три други панели, од кои едниот опфаќа широк опсег на економија, образование, култура, млади, спорт и дигитална трансформација, додека другите два се однесуваат на европската демократија и на улогата на ЕУ во светот и миграцијата. Верхофштад најави дека ваквата комуникација со граѓаните ќе продолжи и по завршувањето на Конференцијата. Тој посочи дека овој процес покажал дека граѓаните сакаат да се вклучат во креирањето на европските политики, иако повеќе од 90 отсто од учесниците немале контакт со политиката и со Европската унија, ниту пак знаеле многу за тоа. „Процесот е поставен така што граѓаните го имаат првиот збор и ќе го имаат последниот“, нагласи Верхофштад. Тој најави дека следните две пленарни седници со граѓаните ќе бидат различни бидејќи ќе бидат поконкретни и ќе се засноваат на препораките на нивните панели. паг/

Остани поврзан