• четврток, 26 декември 2024

Верниците утре во манастирот во Матејче ќе ја прослават Мала Богородица

Верниците утре во манастирот во Матејче ќе ја прослават Мала Богородица
Куманово, 20 септември 2022 (МИА) - Верниците утре во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во село Матејче, ќе го одбележат празникот Мала Богородица, Рождество на Пресвета Богородица. Стариот и новиот кум на празникот ги поканија верниците да бидат дел од чествувањето на празникот и посочија дека патот до манастирот е прооден.
- Патот и годинава е среден, ќе биде прооден, од година во година има сè поголемо присуство на народ, се надеваме дека и годинава ќе биде успешна како и претходните. Ова е голем празник за верниците христијани, се надевам дека како на мене така и на новиот кум ќе му донесе среќа, радост, здравје и благосостојба. Воедно, сакам да се заблагодарам и на луѓето што секоја година излегуваат кај манастирот, за одбележувањето имаме и поддршка, доколку немаме сопствени средства за подготовките пред празникот, бараме и добиваме помош од надлежните институции, изјави Маријан Боровиќ-Скорупан.
И новиот кум смета на масовно присуство на верниците.
- Се надевам дека ќе даде Господ здравје, среќа и радост на сите, благодарност до стариот кум, до сите надлежни што ни помогнаа и до сите граѓани кои ја чуваа традицијата, изјави Даниел Димитровски, нов кум.
Манастирот Успение на Пресвета Богородица во село Матејче, подолго време е цел на вандализам и кражби. Надлежните од Министерството за култура, Националниот конзерваторски центар, локалната самоуправа го посетија манастирот во март годинава. Тогаш посочија дека со заедничка координација, преземените мерки и заштитни интервенции ќе имаат подолготраен ефект и ќе ја обезбедат потребната заштита.
Предминатата година во рамки на годишната програма за финансирање на проекти од областа на заштитата на недвижното наследство за 2021 година, на надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар, Министерството за култура одобри проект за заштитни интервенции на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата во Матејче во износ од 1.000.000 денари. Во текот на 2020 година на барање на надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар беа одобрени 300.000 денари за реализација на ургентни превентивни интервенции на црквата Успение на Пресвета Богородица во манастирот Матејче кои беа спроведени во првата половина на месец ноември и опфатија корективни мерки на оштетените и одвоени елементи од кровниот покривач од црквата и третман на споевите со ѕидните површини, како и затворање на оштетените стакла кај транзените на црквата.
Храмот посветен на Богородица, лоциран над селото Матејче, е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва. Сместен е на планинскиот масив на Скопска Црна Гора, манастирот ги отсликува врвовите на средновековната ликовна продукција на македонската територија. Манастирската црква е изградена во XIV век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале.
Кумановци со голем интерес ја следат секоја најава на надлежните институции за заштита на манастирот во Матејче. Активисти од градот, со години алармираа за исклучително лошата состојба на манастирот која се влошуваше секоја година, по воениот конфликт 2001-та. Претходно, комплексот во кој имаше и детско одморалиште сместено во прекрасната природа во Општина Липково, беше омилено место за рекреација на учениците и граѓаните од Куманово. ам/вг/

Остани поврзан