• вторник, 24 декември 2024

Вербална размена на пораки на хрватскиот и српскиот шеф на дипломатијата околу забраната на Вучиќ во Јасеновац

Вербална размена на пораки на хрватскиот и српскиот шеф на дипломатијата околу забраната на Вучиќ во Јасеновац
Белград,17 јули 2022 (МИА) – Забраната на хрватските власти за приватна посета на претседателот Александар Вучиќ на Јасеновац доведе до остра размена на пораки на шефовите на дипломатијата на Хрватска и Србија, јави дописникот на МИА од Белград. Прво хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман изјави дека Владата во Загреб по „неофицијални канали“ дознала дека српскиот претседател Александар Вучиќ планира да го посети Јасеновац, без никаква официјална комуникација или дипломатска процедура. - Затоа, во петокот на српската амбасада и беше врачена протестна нота, изјави шефот на хрватската дипломатија. - Според неофицијални информации, дознавме дека претседателот на Србија, покрај неговата претходна посета на Доња Градина, ќе го посети и подрачјето на Јасеновац, Пакрац и не знаеме кои други места. Тоа го дознавме преку неофицијални канали, што всушност е невообичаено во комуникацијата и сметаме дека ова отсуство на официјална комуникација и дипломатска процедура е неприфатливо. Во петокот попладне доставивме нота до српската амбасада, рече Грлиќ Радман на вонредната прес-конференција. Тој потсети дека при секоја посета на странски претставници времето, поводот и планот на посетата треба да бидат дел од договорот меѓу двете страни. - Хрватска не е информирана, тоа е неприфатливо за Хрватска и сметаме дека тоа е недобронамерно. Мислиме дека тоа не е искрено, дека тоа не е оддавање пиетет, додаде Грлиќ Радман. Според него, тоа претставува провокација. - Овде жртвите не се цел, туку средство. Целта е пред српската јавност да се презентираат напорите на претседателот Вучиќ, да се добијат дополнителни политички поени во фаза на формирањето на новата српска влада, рече Грлиќ Радман. „Господине, ова не е патување на море“, му порача хрватскиот министер на Вучиќ и потсети дека претседателот е заштитена личност, а за таква посета е потребно вклучување на хрватските власти. Министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, исто така на вонредна прес - конференција реагираше на оваа изјава на хрватскиот министер Горан Грлиќ Радман, дека Радман изјавил невистини во своето обраќање, додавајќи дека Загреб не треба кому било да држи лекции за искреност. - Мојот хрватски колега се обрати на јавноста, зборувајќи за работи кои, најблаго речено, не се точни, рече Селаковиќ и изрази очекување дека претседателот Вучиќ утре во своето обраќање ќе изнесе конкретни факти кои ќе покажат дека многу работи не се точни. Впечатливо е, кажа Селаковиќ, што хрватското Министерство за надворешни работи има некаков инструмент за мерење нечија искреност. - Слушнавме дека намерата на Вучиќ да оди на местото на фабриката на смртта во 1941-1945 година, каде во нацистичката НДХ стотици илјади Србинки, деца, старци, млади мажи... останаа без живот на најбрутален можен начин - не беше сфатено како искрено и не како знак на оддавање пиетет, туку дека е резултат на задоволување на домашните политички потреби пред формирањето на владата, рече Селаковиќ и додаде: „Зарем ова не звучи познато? Чиста авто-проекција“. Селаковиќ посочи и дека претставниците и потомците на жртвите, без разлика дали се Срби, Евреи или Роми, не сакаат да присуствуваат на манифестации поддржани од хрватската држава, бидејќи во тоа не гледаат искреност. - И, сега тие ќе ни држат лекција за искреност, рече Селаковиќ. об/паг/

Остани поврзан