• среда, 19 февруари 2025

Вембењама: Леброн е најпотценетиот кошаркар во НБА

Вембењама: Леброн е најпотценетиот кошаркар во НБА

Сан Франциско, 15 февруари 2025 (МИА) - Кошаркарот на Сан Антонио Спарс, Виктор Вембењама, смета дека најпотценетиот играч во НБА е асот на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс.

Додека се подготвуваше за својот прв настап на Ол-стар натпреварот, Вембењама гостуваше во емисијата „НБА на ТНТ“, каде беше запрашан кој од неговите колеги добива далеку помала почит отколку што заслужува.

-Мојот избор е Леброн Џејмс. По дефиниција, „потценет“ значи да се биде потценет во очите на другите, нели? Мислам дека Леброн е потценет, истакна тој.

Џејмс неодамна наполни 40 години и е еден од најдобрите кошаркари на сите времиња. Тој влезе во НБА во 2003 година како прв пик од познатата драфт класа во која беа и Кармело Ентони, Двејн Вејд и Крис Бош.

„Кралот“ оттогаш беше шампион во НБА четири пати и собори бројни рекорди - вклучувајќи го и оној за најмногу освоени поени во кариерата. Она што најмногу ги фасцинира љубителите на кошарката кај Џејмс е неговата долговечност и континуитет во текот на неговата кариера.

Французинот ја искористи можноста да го пофали и Лука Дончиќ, новиот соиграч на Џејмс во Лос Анџелес Лејкерс.

Центарот на Спарс рече дека никогаш претходно не се соочил со играч како словенечкиот репрезентативец – нешто што Лука го покажа на својот прв натпревар против Вембењама.

-Кога го имав моментот „добредојде во НБА“? Првпат играјќи против Лука Дончиќ. Тој ден бев сведок на ниво на игра каков што досега не сум видел, заклучи Виктор.

Вембењама оваа сезона има просек од 24,3 поени, 11 скока и 3,7 асистенции по натпревар.

Вембењама за прв пат беше избран на Ол-стар натпреварот, а минатата сезона како дебитант учествуваше во дебитантското натпреварување.

Францускиот центар е дел од тимот на Чарлс Баркли, додека на полигонот за вештини се натпреварува во опсегот заедно со колегата од Спарс, Крис Пол. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан