• вторник, 24 декември 2024

Велковски: Работиме на отстранување на слабостите во системот за исплата на социјална парична помош

Велковски: Работиме на отстранување на слабостите во системот за исплата на социјална парична помош

Гостивар, 20 март 2024 (МИА) – Најважно е да се утврди каде затаил системот и кои се неговите слабости при доделување на социјална парична помош и тоа да се отстрани за да не случува понатаму, истакна техничкиот министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Меѓуопштинскиот центар за труд и социјална работа Гостивар.

Тој појасни дека според договорот кој е направен со МВР на 11 јануари треба да се доставуваат списоци со имиња на сопственици на моторни возила и да се прават вкрстени проверки на матичните броеви на лицата кои поднеле барање за добивање на гарантирана социјална пензија.

-Слабост постои и тоа го утврдивме. Ги проверуваме овие податоци на терен. Системот затаил некаде и ќе видиме каде е таа слабост, да ја отстраниме и да не се појавуваат вакви работи во иднина, рече Велковски.

Тој повтори дека било откриено незаконско исплаќање на социјална парична помош, како и социјална пензија на лица кои не ги исполнуваат условите за тоа. При проверка на податоците било утврдено дека над две илјади лица во земјава поседувале возила, но се нашле во списокот за социјална помош.

На средбата со вработените во Гостиварскиот центар било разговарано и за предизвиците со кои се соочуваат.

Велковски одговарајќи на новинарско прашање за состојбата со зголемениот број на питачи посочи дека во МТСП имало пракса којашто, како што рече, години наназад се изгубила и ја спроведувале интер-мулти тимови.

-Години наназад за жал ја нема праксата да се интервенира на тој начин. Во Скопје и Гостивар е алармантно, па пративме дописи до МВР да ни посочат лица одговорни од кај нив, бидејќи поради асистенцијата за детектирање на семејствата мора да бидеме во координација со нив и така било многу години наназад. Се надевам дека ќе профункционира, рече Велковски.

Техничкиот министер Велковски со директорот и вработените разговарале и за актуелните проблеми со коишто се соочуваат во процесот на спроведување на тековните активности и пружање социјална заштита за корисниците. згм/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан