• вторник, 24 декември 2024

Велковски: МТСП следи дали во градинките има прием на деца кои не се вакцинирани против голема кашлица

Велковски: МТСП следи дали во градинките има прием на деца кои не се вакцинирани против голема кашлица

Кочани, 22 февруари 2024 (МИА) – При запишување на деца во градинка Министерството за труд и социјална политика се придржува кон исполнувањето на протоколите за вакцинирање против голема кашлица и ја следи состојбата на терен, изјави за МИА министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски при денешната посета на детската градинка „Павлина Велјанова“ во Кочани.

-Имаме стриктни протоколи, а и според правилниците за упис на дете во градинка потребно е во досието, во согласност со возраста, да биде вклучен и картонот со примени вакцини. Притоа строго се постапува, нашите инспектори се и во редовни и во вонредни надзори на терен, а таму каде што ќе се констатираат неправилности, тие ќе бидат евидентирани и ќе се изготват записници. Тоа значи дека се постапува според она што е во наша надлежност. Освен овие законски обврски за комплетно досие со вакцинален картон при уписот, ние како Министерство немаме дополнителни мерки. Комисијата за заразни болести одржува состаноци секоја недела и ако стигнат некакви насоки и заклучоци, ние ќе постапуваме според нив, нагласи Велковски.

Од детската градинка „Павлина Велјанова“ информираа дека за сите деца имаат уредни и комплетни вакциналните статуси, вклучени се потребните картони, а секоја година се бара нова потврда за навремено примени вакцини. До сега, во петте клона на градинката во Кочани, не се евидентирани деца со симптоми или заболени од голема кашлица. та/дма/

фото: МИА

Остани поврзан