• четврток, 26 декември 2024

Велкова: Нема ризик за банкрот на Бугарија

Велкова: Нема ризик за банкрот на Бугарија
Софија, 16 март 2023 (МИА) - Нема ризик за банкрот на државата, ниту за интервенција на Меѓународниот монетарен фонд и потреба од ново задолжување, изјави за БНТ в.д. министерката за финансии на Бугарија Росица Велкова. 
 
Нејзината изјава следува по вчерашното протекување во јавноста на двете сценарија од долгорочната буџетска прогноза, и коментарите дека на Бугарија и се заканува банкрот.
 
Велкова уверува дека со дефицит од 3 отсто, финансиите на државата се стабилни.
 
-Сакам да ги уверам бугарските граѓани дека нема ризик од банкрот. Државата не е банкротирана и нема ризик. Нема ризик ниту за валутниот одбор. Под услов да ја следиме долгорочната фискална политика која е во рамките на 3 отсто, овие ризици ќе ги нема. Не може да биде банкротирана земја под услови кога редовно ги сервисираме буџетските исплати, обврските, пензиите. Следната недела ќе исплатиме 3 милијарди левови долгови. Фискалната резерва, по исплатата на долгот, ќе биде во опсег од 10 милијарди, значи не е банкротирана држава и ги нема тие ризици, објасни Велкова.
 
Таа додаде дека целта не им е да испраќаат пораки до политичките партии, во момент на изборната кампања. Според законот за продолжен буџет, до крајот на април мора да се поднесе предлог за државниот буџет за 2023 година, а во Брисел ќе биде испратена тригодишна буџетска прогноза за периодот 2024 - 2026, вели Велкова. вг/са/

Остани поврзан