• сабота, 23 ноември 2024

Величковска за МИА: Се надевам дека кризатa е пресвртна точка по која ДПМ ќе почне да работи на подобрување на правата на писателите

Величковска за МИА: Се надевам дека кризатa е пресвртна точка по која ДПМ ќе почне да работи на подобрување на правата на писателите

Скопје, 9 октомври 2023 (МИА) - Писателката Јулијана Величковска, која на 15 септември минатата година си даде оставка од Претседателството на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), за МИА изјави оти се надева дека оваа криза е пресвртна точка по која Друштвото конечно ќе се реформира и ќе почне да работи во насока на грижа за подобрување на правата и положбата на писателите.

-Мојот став и моите аргументи зошто си давам оставка од Претседателството на ДПМ беа јавно изнесени и писмено, а потем, и усно образложени на состанок на Претседателството на ДПМ, уште на 15 септември минатата година. Дека состојбата и угледот на ДПМ се на крајно ниско ниво беше нешто со што се согласија и другите присутни членови на Претседателството, а и самиот претседател. Мојот потег тогаш беше повик или пример што се надевав дека ќе го следат и другите членови, коишто неофицијално (надвор од состаноците) го искажуваа своето незадоволство од раководството, но тоа, еве, се случува дури по повеќе од една година, што ценам дека е задоцнета реакција, вели Величковска за МИА.

Како што посочува, нејзината способност да го предвиди развојот на настаните во тоа време, од членството беше оценета како „избрзана одлука“.

-Мојата способност да го предвидам развојот на настаните, во тоа време од дел од членството беше оценета како избрзана одлука, на што одговорив само со тоа дека времето ќе покаже. А времето е изгубено, и многу штетни нешта ќе можеа да се спречат, а многу убави нешта можеа и да се направат, доколку уште тогаш свикавме собрание и се побараше прегласување, односно, формирање ново раководство на ДПМ, додаде Величковска.

Сепак, појаснува, се надева дека оваа криза е пресвртна точка по која или ДПМ конечно ќе се реформира и ќе почне да работи во насока на грижа за подобрување на правата и положбата на писателите во општеството, или Друштвото целосно ќе згасне и ќе се роди ново, такво што ќе соодветствува со потребите на денешниот писател во Македонија.

Писателот Христо Петрески денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). 

-Најпрвин им благодарам на сите оние колеги – писатели кои со своите гласови ме избраа за претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Верувам дека во претходниот период на раководење со Друштвото на писателите на Македонија постигнавме доста, но има уште многу што треба да се сработи. Но, од здравствени причини сега јавно Ве известувам дека давам неотповиклива оставка на функцијата претседател на Друштвото на писателите на Македонија и му посакувам многу среќа, здравје и успех на тој што ќе продолжи да го води Друштвото на писателите на Македонија кон обединување, континуитет и нови иницијативи и резултати, наведува Петрески.

Оставката на Петрески доаѓа откако во петокот беше објавено дека седум писатели поднесоа оставки од членство во претседателството на ДПМ. Оставки, како што беше соопштено, поднесоа Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина  Мијаковска и Александра Јуруковска. Оставка поднесе и писателот Бранко Цветковски. Тие не ги соопштија причините за оставките.

Според статутот на ДПМ, решението сега е претседателката на Собранието Кристина Николовска да свика нова седница за распишување на избори. бт/ац/

Фото/МИА

Остани поврзан