Велика Британија свикува меѓународна средба за безбедноста на пловидбата низ Ормуската Теснина
- Стармер прецизираше дека потоа ќе следуваат разговори меѓу „воените планери“ на овие држави, „за да се разгледа како можеме да ги мобилизираме нашите капацитети и да ја направиме теснината повторно достапна и безбедна по завршувањето на борбите“.
Лондон, 1 април 2026 (МИА) - Велика Британија оваа недела ќе организира меѓународна средба со околу 30 држави подготвени да преземат активности за обновување и обезбедување на поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина, изјави британскиот премиер Кир Стармер.
- Обединетото Кралство обедини 35 држави околу нашата декларација за намера да создадеме заеднички фронт за поморска безбедност во Заливот. Подоцна оваа недела министерката за внатрешни работи Ивет Купер ќе биде домаќин на првата средба на овие земји - изјави лидерот на лабуристичката влада на прес-конференција во Даунинг стрит.
На состанокот, како што додаде, „ќе ги оцениме сите изводливи дипломатски и политички мерки што можеме да ги преземеме за да ја обновиме слободата на пловидба, да ја гарантираме безбедноста на блокираните бродови и морнари и да го вратиме транспортот на витални стоки“.
Стармер прецизираше дека потоа ќе следуваат разговори меѓу „воените планери“ на овие држави, „за да се разгледа како можеме да ги мобилизираме нашите капацитети и да ја направиме теснината повторно достапна и безбедна по завршувањето на борбите“.
Од почетокот на конфликтот, кој започна на 28 февруари со американско-израелските напади врз Иран, Техеран речиси целосно го парализираше сообраќајот низ Ормуската Теснина, преку која минува околу една петтина од светските испораки на нафта, како и значителен дел од трговијата со течен природен гас. Ова доведе до нагло зголемување на цените на горивата и отвори ризик од глобални последици.
На 19 март Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Холандија и Јапонија објавија заедничко соопштение во кое наведоа дека се „подготвени да придонесат“ за обезбедување на теснината, по што им се приклучија уште околу 30 држави.
Овие разговори се одвиваат во услови на засилен притисок од САД, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги повика земјите зависни од поморскиот транспорт низ Ормуската Теснина да преземат чекори за нејзино повторно отворање.
САД „повеќе нема да бидат таму“ за да им помагаат на државите чии енергетски испораки зависат од оваа поморска рута, изјави вчера Трамп.
Тој во повеќе наврати ги критикува Франција, Велика Британија и НАТО, обвинувајќи ги дека не обезбедиле доволна поддршка за американската војска во текот на конфликтот. ссм/сд/
фото: ЕПА