Велика Британија: Русите признаа дека користат термобарично оружје во Украина
- Руското Министерство за одбрана ја призна употребата на системот ТОС-1А, кој користи термобарични ракети, соопшти британското Министерство за одбрана.
Лондон, 9 март 2022 (МИА) - Руското Министерство за одбрана ја призна употребата на системот ТОС-1А, кој користи термобарични ракети, соопшти британското Министерство за одбрана.
Британците објавија и видео за тоа разорно оружје.
Вакуумска бомба или термобарично оружје, наречено и аеросолна бомба, се состои од резервоар за гориво и две експлозивни полнења. Може да се користи на два начина - или со фрлање од авион како бомба или испукување како граната или ракета, пишува Би-Би-Си. Ова оружје функционира така што со првата детонација го отвора резервоарот за гориво и го распрснува горивото како облак кој може да навлезе во секоја зграда, бункер или тунел што не е херметички затворен. Второто полнење потоа го активира и произведува огромна огнена топка. Детонацијата вшмукува кислород од околниот воздух за да произведе експлозија на екстремно висока температура, која потоа обично произведува експлозивен бран со значително подолго траење од детонацијата на конвенционалните бомби. Експлозијата на вакуумска бомба може да ги претвори погодените тела на жртвите во пареа. Украина ја обвини Русија дека употребила термобарично оружје, познато и како вакуумска бомба, уште на шестиот ден од инвазијата на украинската почва. ссм/