• вторник, 24 декември 2024

Велигденски концерт на „Охридско лето“ во „Света Софија“ во Охрид со женскиот хор „Менада“

Велигденски концерт на „Охридско лето“ во „Света Софија“ во Охрид со женскиот хор „Менада“

Охрид, 25 април 2024 (МИА) – Националната установа „Охридско лето“ по повод големиот верски празник Велигден во Охрид организира Велигденски концерт на православна духовна музика со женскиот хор „Менада“ од Тетово, под диригенската управа на професор Ивица Зориќ.

-Со овој концерт заокружуваме програмата која веќе трета година ја реализираме надвор од традиционалната фестивалска рамка 12 јули- 20 август. Имавме прекрасни концерти преку цела година со кои ја потврдивме големината на долгогодишното опстојување на оваа најзначајна културно-сценска манифестација, вели директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Женскиот хор „Менада“ , предводен од диригентот проф. д-р Ивица Зориќ е еден од најрепрезантитивните хорови од нашата земја. Со своето четиридецениско делување  тој прерасна во еден од стожерите во развојот и опстојувањето  на хорската уметност кај нас.

Хорот „Менада“ е основан 1981 година во Тетово и сите овие години е предводен од маестро Ивица Зориќ. На репертоарот на хорот редовно се застапени композиции од најразлични епохи и стилови од македонската и светската хорска акапела и вокално-инструментална музика. Хорот е добитник на многубројни награди и признанија во Македонија, поранешна Југославија и Европа, за што сведочат бројните настапи на фестивали, конкурси и концертни турнеи во Чешка, Полска, Шпанија, Шведска, Холандија, Данска, Португалија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Албанија, Романија, Бугарија,Турција, Германија, Грција, Словенија, Австрија,Белгија, Косово.....

Професорот Ивица Зориќ дипломира, магистрира и докторира на ФМУ во Скопје, како прв Доктор од областа на интерпретација во Република Северна Македонија. Во 1977 година го основа детскиот хор „Лале", а во 1981 година го основа и женскиот младински хор „Менада" во Тетово. На репертоарот со хоровите со кои работи поставил повеќе од 500 композиции од различни стилови и епохи на 18 јазици. Во македонската и меѓународната културна јавност познат е пред сè како реномиран хорски диригент. Со хоровите „Лале" и „Менада" има остварено повеќе од 1000 настапи во земјава и странство. Како диригент со хоровите настапувал на фестивали, концертни турнеи и конкурси во 17 земји каде освојува бројни награди и признанија вклучувајќи ја и наградата за најуспешен диригент на фестивалот во Хајновка (Полска) во 1999 година. Ивица Зориќ е претседател на управниот одбор на Меѓународниот хорски фестивал „ТЕХО”. Иницијатор е и основач на Балканскиот Хорски Форум во Тетово во 1998 година во кој членуваат претставници од Р. С. Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција, Србија и Романија.  Член е на Европската хорска асоцијација со седиште во Белгија како претставник на Р. Северна Македонија во музичкиот комитет. Во 1979 година ја добива „19 Ноемвриската" награда на Тетово, во 1982 година наградата „Кирил Пејчиновиќ", во 2005 највисоката државна награда на Р. С. Македонија „11 Октомври" и во 2007 година наградата на Здружението на музички педагози за „Повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија".

Велигденскиот концерт ќе се одржи на 30 април во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот. Билетите по цена од 200 денари можат да се набават во Дирекцијата на НУ „Охридско лето“. аб/лв/

фото/„Охридско лето“

 

Остани поврзан