• недела, 05 јануари 2025

Вевчанскиот карневал и годинава традиционално на 13 и 14 јануари

Вевчанскиот карневал и годинава традиционално на 13 и 14 јануари

Скопје, 3 јануари 2025 (МИА) - Вевчанскиот карневал е слика и прилика на тоа што се случувало во општествено - политичкиот живот, од претходната година, на специфичен начин, изјави денеска градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски, на прес-конференцијата во Скопје, посветена на овој традиционален настан.

Тој се осврна на традиционалните маски и додаде дека секое издание на карневалот има и нови маски. Очекуваат голема посетеност на 13 и 14 јануари кога ќе се одржува Вевчанскиот карневал. 

- Вевчанскиот карневал со своето илјадагодишно постоење е повеќе од традиција - тој е еден од најавтентичните симболи на нашето културно наследство, што и покрај предизвиците и недостигот на континуирана поддршка во изминатите години, опстојува како симбол на нашата култура и традиција, нагласи министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

 Вевчанскиот карневал, според Љутков, е потврда за посветеноста и љубовта на вевчанци кон своето наследство, кои со своите упорност и страст го задржаат жив духот на карневалот и ја потврдуваат неговата важност.

Креативните маски, истакна Љутков, се повеќе од уметнички дела,тие се огледало на времето - носат пораки, раскажуваат приказни и на уникатен начин го поврзуваат минатото со сегашноста.

- Наша цел е да го промовираме Вевчанскиот карневал како национален бренд што нуди уникатно искуство и што како спој на културата и туризмот, привлекува и ќе привлече уште поголемо меѓународно внимание и посетеност. Од тие причини, заедно со локалните власти и бизнис-партнерите, работиме на тоа карневалот да го достигне својот полн потенцијал и во меѓународни рамки, подвлече министерот.

Одговарајќи на новинарско прашање, Љутков рече дека карневалот немал поддршка неколку години претходно, но дека сега има поддршка од Министерството за култура. Дополнително ќе се знае сумата по одлуката на Комисијата што одлучува по конкурс, каде конкурирала и Општината. 

Во рамки на карневалот најавена е и музичка програма. Во недела вечерта на 12 јануари ќе настапат „Пајак“, „Ареа“ и „Забрањено пушење“, а следната вечер, „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот „Вевчани“, како и Перо Бели и Коки Биоритам. бд/бак/

Фото и видео: МИА 

Остани поврзан