• вторник, 24 декември 2024

Вашингтон одобри продажба на тенкови на Бахреин во вредност од 2,2 милијарди долари

Вашингтон одобри продажба на тенкови на Бахреин во вредност од 2,2 милијарди долари

Вашингтон, 20 март 2024 (МИА) - Вашингтон одобри продажба на тенкови на Бахреин во вредност од 2,2 милијарди долари, пренесоа американските медиуми. Американската петта флота е со седиште во малата заливска монархија.

Според соопштението на Стејт департментот, продажбата ќе се однесува на 50 тенкови Абрамс М1А2, кои се меѓу најтешките во светот. Американскиот Конгрес може да ја блокира оваа продажба во рок од 30 дена, иако тоа ретко се случува.

Оваа продажба на тенкови ќе го подобри капацитетот на Бахреин да одговори на сегашните и идните закани обезбедувајќи му веродостојна сила за одвраќање и ќе му овозможи да учествува во регионалните операции заедно со САД и другите земји партнери, се вели во соопштението на Стејт департментот.

САД и Бахреин во септември потпишаа договор со цел зајакнување на врските за безбедносни и економски прашања. Исто така, предвидува споделување на разузнавачки информации и научна размена.

Бахреин, чии односи со Иран се озлогласено затегнати, е исто така единствената арапска земја која учествува во коалицијата предводена од САД и Велика Британија против повеќемесечните напади на јеменските бунтовници Хути врз поморскиот сообраќај крај Јемен. Хутите велат дека дејствуваат како поддршка на Палестинците во Газа. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан