• среда, 25 декември 2024

Вашингтон го повика новиот палестински премиер да спроведе длабоки и кредибилни реформи

Вашингтон го повика новиот палестински премиер да спроведе длабоки и кредибилни реформи

Рамала, 15 март 2024 (МИА) - Откако палестинскиот претседател Махмуд Абас му ја додели задачата да формира нова влада на Мохамед Мустафа, Белата куќа го поздрави именувањето на новиот палестински премиер и го повика да формира влада која ќе работи на спроведување „длабоки и кредибилни реформи“.

Портпаролката на Советот за национална безбедност на САД, Адриен Вотсон, наведе „повикуваме да се формира реформска влада што е можно поскоро“ и нагласи дека „САД со нетрпение очекуваат оваа нова влада да може да спроведе кредибилни и длабоки реформи“.

Портпаролката кажа дека реформата на Палестинската управа (ПА) е неопходна за да се создадат неопходните услови за стабилност на Западниот Брег и Појасот Газа.

Три недели откако премиерот Мохамад Штајех поднесе оставка, палестинскиот претседател Махмуд Абас го задолжи економистот Мохамад Мустафа да формира нова палестинска влада.

Палестинската агенција го објави текстот на претседателскиот декрет за назначување на Мустафа (69 години), претседател на Одборот на директори на Палестинскиот инвестициски фонд, за формирање на 19-та палестинска Влада.

Задачите на новиот премиер во текстот на указот се: координација на напорите за обнова на Појасот Газа, обединување на палестинските институции, продолжување на реформите кон систем заснован на транспарентност и борба против корупцијата, подготовка за одржување законодавни и претседателска избори во сите палестински провинции, вклучувајќи го и окупираниот Ерусалим.

Новоизбраниот премиер работеше петнаесет години во Светската банка во Вашингтон и имаше одредени функции во институциите на Палестинската управа, од кои најистакната е функцијата претседател на Управниот одбор на Палестинскиот инвестициски фонд. сд/

фото:Палестинско претседателство/ВАФА 

Остани поврзан