• среда, 25 декември 2024

Ватикан нуди посредување за ослободување на заложниците и смирување на судирот во Газа

Ватикан нуди посредување за ослободување на заложниците и смирување на судирот во Газа

Рим, 13 октомври 2023 (МИА) - Ватикан денеска понуди да посредува меѓу Израел и палестинските милитанти за ослободување на заложниците во Газа и да го олесни постигнувањето мир, но најави и дека „израелскиот одговор на нехуманиот напад на Хамас мора да ги почитува законите за пропорционалност“.

Државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин, кажа дека Светата столица останува цврсто убедена дека решението со две држави е единствениот начин да се гарантира траен мир во регионот, јавија британските медиуми.

Израелската војска ги повика сите цивили во градот Газа, повеќе од еден милион луѓе, да се преселат на југот од енклавата во рок од 24 часа, додека собира тенкови за очекуваната копнена инвазија, што ќе биде одговор на разорниот напад на милитантната група Хамас во саботата, на 7 октомври.

-Ослободувањето на израелските заложници и заштитата на невините животи во Газа се во срцето на проблемот, што го создаде нападот на Хамас и одговорот на израелската армија, рече Паролин, првиот ватикански дипломат и втор по папата Франциск во хиерархијата на Светата столица. 

Тој нагласи дека Светата столица, како и секогаш, е подготвена за секое неопходно посредување и додаде дека „неопходно е да се врати разумот, да се напушти слепата логика на омраза и да се отфрли насилството како решение“. 

Кардиналот повика на директни разговори меѓу Израел и Хамас со цел „да се избегне натамошно крвопролевање, што се случува во Газа, каде нападите на израелската армија предизвикаа многу невини цивилни жртви“. 

Над 1.500 Палестинци се убиени во одмаздничките израелски воздушни и артилериски напади по ненадејниот напад на Хамас врз Израел во кој загинаа повеќе од 1.300 лица, главно цивили во околните градови и кибуци. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан