• петок, 08 ноември 2024

Ван дер Белен и Костадиновска-Стојчевска на прошетка низ Старата скопска чаршија

Ван дер Белен и Костадиновска-Стојчевска на прошетка низ Старата скопска чаршија

Скопје, 28 март 2023 (МИА) - Претседателот на Австрија, Александер Ван дер Белен, кој е во официјална посета на Република Северна Македонија, во придружба на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, вечерва ја посетија Старата скопска чаршија.

За време на кратката прошетка, австрискиот претседател имаше можност да се запознае со повеќе сегменти од историското минато и со културно-историските споменици градени низ вековите околу овој потег на градот, соопшти Министерството за култура.

Костадиновска-Стојчевска и Ван дер Белен ја посетија и Мурат-пашината џамија, како и Капан ан, а претседателот на Австрија се запозна и со родното место на Мајка Тереза и со придонесот на нашата држава во негувањето на универзалните хумани вредности за кои се залагаше оваа светица. Делегацијата беше информирана и за историјата на Камениот мост, а го посети и Даут-пашиниот амам, каде што се запозна со дел од македонската современа уметност. 

Костадиновска-Стојчевска го информираше австрискиот претседател дека во престижниот простор Кунстхале во Виена (кој е дел од Музеум Квартиер), еден од најголемите европски културни центри, на 20 април ќе биде отворена изложба со дела од вредната колекција на Музејот на современата уметност од Скопје.

-Оваа изложба, која е работена во соработка со престижниот виенски музеј и со светски познати куратори, дава нова светлина во соработката во областа на културата помеѓу двете земји, кои традиционално одржуваат добри односи, и е патоказ кој нуди нови можности за натамошната соработка, користејќи ги современите движења, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа упати покана, претседателот на Австрија со своите соработници да присуствува на свеченото отворање на оваа изложба, која е резултат на соработката меѓу уметничките институции на Северна Македонија и на Австрија.

Сојузниот претседател на Република Австрија Александер ван дер Белен, кој денеска беше пречекан од министерката Костадиновска-Стојчевска на граничниот премин „Ќафасан“, утре во вила „Водно“ ќе има средба со неговиот домаќин претседателот Стево Пендаровски, по што ќе следува и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Австрија.

Покрај со неговиот домаќин Пендаровски, тој ќе се сретне и со претседателот на Собранието Талат Џафери и со премиерот Димитар Ковачевски, а ќе има и обраќање пред пратениците во Парламентот.са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан