Вандализирани трактори на двајца земјоделци, кои присуствуваа на средбата со Мицотакис
- Со испишани слогани „Предавници“ и издишани гуми непознати лица вандализирале трактори паркирани на блокот кај Никеја во близина на Лариса, кои се во сопственост на некои од земјоделците што вчера присуствуваа на состанокот со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 14 јануари 2026 (МИА) - Со испишани слогани „Предавници“ и издишани гуми непознати лица вандализирале трактори паркирани на блокот кај Никеја во близина на Лариса, кои се во сопственост на некои од земјоделците што вчера присуствуваа на состанокот со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за два трактора на кои им била нанесена материјална штета.
Другите земјоделци од конкретниот блок преку соопштение го осудија инцидентот со тракторите на, како што рекоа, „двајца земјоделци, кои по сопствена иницијатива и на сопствена одговорност учествуваа на средбата со премиерот“.
Објаснија дека со одлука на координативното тело и на трошок на блокот штетите биле санирани и сопствениците може да дојдат да си ги земат тракторите од блокадата.
- Станува збор за намерна постапка, чија цел е распад на блокадата во Никеја. Нема да им успее!!! - нагласија земјоделците објаснувајќи дека побарале видеоматеријал од безбедносните камери од автопатот.
За инцидентот реагира и портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис.
- Вандализмот и насилничките постапки, какви што денеска беа забележани на земјоделските блокади, е срамота да се случуваат на штета на одредени професионалци, само затоа што учествувале на една конструктивна средба со премиерот за решавање на прашањата од нивниот сектор. Ги повикуваме сите политички партии да ги осудат овие опасни и незаконски дејства - соопшти Маринакис
Претставници на 18-ина блокови од целата земја, односно оние што уште од минатиот месец се одвоија од другите земјоделци и побараа дијалог со владата, вчера остварија средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а другите од над 55 блока одбија да се сретнат и денеска на состанок ќе донесат одлуки за следните чекори. ср/сд/
Фото: Прото тема