• вторник, 26 ноември 2024

„Вагнер“ ги помага пучистите во Нигер

„Вагнер“ ги помага пучистите во Нигер

Ниамеј, 5 август 2023 (МИА) – Припадници на руската платеничка група „Вагнер“ веќе се на терен во Нигер и ги инструираат припадниците на вооружените сили, објави „ЛСи Африка“.

Според „ЛСи Африка“ инструктори од групата „Вагнер“ пристигнале во главниот град Ниамеј од Мали, за да ги обучуваат пучистите.

Претходно, беше објавено дека воената хунта во Нигер, која го собори демократски избраниот претседател, побарала помош од руската платеничка група „Вагнер“, доколку се соочи со воена интервенција од западноафриканскиот регионален блок.

Според неименувани извори, лидерот на хунтата Салиф Моди остварил контакти со претставници на „Вагнер“ во соседната земја Мали.

Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС) воведе санкции против Нигер поради пучот и најави дека ќе употреби сила доколку воената хунта не го врати демократски избраниот претседател Мохамед Базум.

Утре истекува ултиматумот од ЕКОВАС.

Петнаесетчлената организација пред два дена испрати делегација во Нигер за да побара „мирно решение“, но средбата одржана на аеродромот во Ниамеј заврши без успех.

Нејасно е како би изгледала регионалната интервенција, кога би започнала или дали би добила поддршка од западните сили.

Хунтата во Нигер упати апел до граѓаните да пријават шпиони, а самоорганизираните одбранбени групи се мобилизираа ноќе за да ги надгледуваат автомобилите и да патролираат во главниот град. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан