• сабота, 31 август 2024

Буџетски форум во Делчево

Буџетски форум во Делчево
Делчево, 14 ноември 2022 (МИА) - Во Делчево денеска се одржа буџетски форум на кој граѓаните имаа можност да се запознаат и да дискутираат за реализацијата на тековниот општински Буџет, но и да даваат предлози за негово планирање за следната 2023 година. Претставникот на Општина Делчево, Тони Стоименовски истакна дека форумите во заедницата општината ги има вклучено во својот статут и се една од алатките, преку кои граѓаните можат активно да се вклучат во донесување одлуки. - На денешниот буџетски форум присутните ги имаа на увид финансиските средства предвидени во Буџетот поделени во ставки, како и техничката документација за проектите кои се подготвени од страна на Општина Делчево кои се подготвени за изведба на терен. Граѓаните имаат можност преку предлози да ги кажат приоритетите во своите институции, во месните заедници, а исто така свои предлози даваа и граѓанските организации. Беа формирани пет работни маси и тоа: млади, образование, инфраструктура, социјала и животна средина, со давање предлози кои ќе бидат доставени од тимот на Форумот до градоначалникот и истите ќе бидат планирани за финансирање за следната Буџетска година, рече Стоименовски. Буџетските форуми во Општина Делчево се одржуваат десетта година по ред и најдобрите  проекти предложени од граѓаните, како што потенцираше Стоименовски, веќе се реализирани, посочувајки ги проектите за изградба на нов градски пазар, изградба на пешачки мост на река Брегалница, градскиот парк до стадионот, градската капела, како и реконструираните улици во градското подрачје. Пред одржувањето на Форумот, беше објавен анкетен прашалник во чии рамки, како што информираше  Даниела Такева од Општина Делчево, граѓаните исто така можеа да даваат свои предлози. - На овој анкетен прашалник најактивни беа лицата на возраст над 40 години, додека изостанаа предлозите на младите. Меѓу прироритентите проекти кои беа посочени се изградба на кружни текови на неколку локации во Делчево, изградба на паркинг и парк од десната страна на Булевар Македонија. Потоа предложено беше почесто чистење на јавните површини, повеќе игралишта, автобуска станица, задолжително воведување на плаќање паркинг со цел растоварување на пренатрупаноста со возила, преземање мерки за градската депонија, поставување засолниште за мал објект на планината Голак, повеќе средства на културата и уредување на влезот на градот од двете страни на булеварот, истакна Такева. Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, кој го отвори буџетскиот форум, се заблагодари на присутните кои според него придонесуваат во заедничко креирање на Буџетот. - Она што го имаат дадено граѓаните како идеја, кои треба да се решаваат ќе биде земено во обзир. Мало гратче сме, знаете што имаме сработено и досега, но тоа не значи дека нема да се бориме и понатаму да го подобриме животот во градот и населените места. Од сите ваши предлози идеи и проекти најприоритетните ќе ги ставиме во програмата и потоа во зависност од приливите на Општината и доколку ги оствариме истите се надевам ќе успееме да реализираме поголем број проекти од денешните предлозите на граѓаните, додаде Трајковски. Целта на алатката „Форуми во заедницата“ е да го поддржи процесот на децентрализација и да овозможи учество на граѓаните во развојот на заедницата на локално ниво. Оваа можност, според Локалната самоуправа во Делчево, претставува платформа за развој што им овозможува на граѓаните, прво, да го подобрат својот живот со сопствени идеи и учество во процесот на донесување одлуки на локално ниво и второ, администрацијата да развие отчетно локално управување преку учество, одговорност и доверба. вс/цр

Остани поврзан