• четврток, 26 декември 2024

Буданов ги обвини Русите дека го „минирале“ базенот за ладење во нуклеарната централа

Буданов ги обвини Русите дека го „минирале“ базенот за ладење во нуклеарната централа

Киев, 21 јуни 2023 (МИА) - Шефот на украинското воено разузнавање Кирило Буданов денеска ја обвини Русија за „минирање“ на базенот што се користи за ладење на реакторите во нуклеарната централа Запорожје, окупирана од Русија.

Станува збор за најголемата европска нуклеарна централа, комплекс со шест реактори, која се најде под окупација веднаш по инвазијата на московските сили во февруари минатата година.

-...Најстрашното е што нуклеарната централа Запорожје беше дополнително минирана за тоа време (...), имено, миниран е базенот за ладење, изјави Буданов, без да обезбеди докази за своето тврдење.

Во меѓувреме, украинското Министерство за одбрана ги отфрли како „ништовни“ руските наводи дека тие би можеле да направат „валкана бомба“.

Министерството истакна дека ваквите предлози, кои во понеделникот ги изнесе шефот на руската служба за надворешни разузнавачки служби СВР, Сергеј Наришкин, за прв пат ги даде Москва минатата година.

Ваквите наводи, оцени украинското Министерство, имаат за цел „да го одвлечат вниманието од јасните порази на окупаторските сили на бојното поле и да сеат недоверба кај западните сојузници на Украина“.

-Ако Русија зборува за „валкана бомба“, нејзината употреба од страна на Русија би можела да биде вистинска закана, заклучува Министерството.

Наришкин ги повика нуклеарното надзорно тело на ОН и Европската Унија да ја проверат украинската нуклеарна активност што, според него, може да сигнализира дека Киев работи на создавање „валкани бомби“.

Меѓународната агенција за нуклеарна енергија на ОН соопшти дека овој месец известила за трансферот на тоа гориво од Ривино во Чернобил и дека тие движења биле земени предвид.мс/сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан