• вторник, 24 декември 2024

Бугарско МНР: Личното мислење на членовите на Комисијата за историски прашања не соодветствува со ставот на двете земји

Бугарско МНР: Личното мислење на членовите на Комисијата за историски прашања не соодветствува со ставот на двете земји
Софија, 3 февруари 2022 (МИА) - Директорот на прес-центарот на бугарското Министерство за надворешни работи Митко Димитров денеска на посебен брифинг по повод неодамнешните јавни изјави на копретседателот на Заедничката комисија за историски и образовни прашања од страна на Република Северна Македонија, рече дека нејзината активност е суштински елемент на имплементацијата на Договорот од 2017 година и има за цел да ги надмине стереотипите од минатото. Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Димитров, заедничкото разбирање на двете земји и постигнувањето конкретни резултати било истакнато од двете влади на 25 јануари. Како независни научници и експерти, членовите на Комисијата имаат право да ги кажат своите ставови, но тоа не ги обврзува владите на двете земји да носат одредени одлуки, изјави портпаролот на бугарското МНР. Според Димитров, личното мислење на членовите на комисијата не соодветствува со ставот на двете земји. -Ја поддржуваме подготвеноста на двете страни за интензивирање на контактите на Комисијата. Ги повикуваме членовите на Комисијата да работат плодно. Министрите за надворешни работи како политичари изразуваат подготвеност јавно да ги поддржат напорите на Комисијата, вклучително и со заедничко одбележување значајни личности и настани од двете земји, додаде Димитров. Тој додаде дека министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска утре ќе ја посети Република Северна Македонија и ќе положи цвеќе на централната свеченост по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, заедно со македонската министерка за култура. Бугарската министерка Генчовска ја информирала Каролина Едштадлер, која е сојузна министерка за ЕУ, за работата што ја направила бугарската влада за интензивирање на дијалогот со Северна Македонија. Едштадлер и честиташе на Бугарија за преземените чекори, информира портпаролот на бугарското МНР Димитров. нк/вг/

Остани поврзан