Бугарските социјалисти нема да гласаат за амандманот, но се спротивставија на обидите за приватизација на бугарскиот национален интерес
- Делегацијата на бугарските социјалисти во Европскиот Парламент излезе со остар став во врска со нивната интервенција во претстојниот извештај за Република Северна Македонија, откако ВМРО на К
Скопје, 23 март 2021 (МИА) - Делегацијата на бугарските социјалисти во Европскиот Парламент излезе со остар став во врска со нивната интервенција во претстојниот извештај за Република Северна Македонија, откако ВМРО на Красимир Каракачанов ги обвини социјалистите дека „направиле национално предавнички амандман“ на резолуцијата за земјава, за која ЕП треба да ја гласа в четврток.
-Изборната кампања во нашата земја е во полн ек, па затоа не е изненадувачки што одредена политичка сила уште еднаш употребува арсенал на лаги и клеветнички шпекулации. Членовите на Европскиот Парламент се обвинети во соопштението за печатот за претстојниот извештај за Република Северна Македонија. Она што е неприфатливо во овој случај е дека претседателот на соодветната партија наместо да размислува прво, презема активности што незаслужено ја ставаат Бугарија во последователни текстови на резолуциите на ЕП, како и во негативниот проток на информации до европските институции. Надминувањето на парламентарниот праг може да биде политичка цел, но не може да послужи како изговор за злоупотреба на бугарскиот национален интерес. Објавувањето мапи и непримерени изјави може да ги зголеми процентите, но ја прави целокупната позиција на Бугарија во Европа неприфатлива. Заради ваквите настани, нашите европски партнери не го разбираат однесувањето на нашата земја. Значи, не добиваме поддршка, туку нови резолуции, стои во реакцијата.
Предложениот текст во извештајот на ЕП за Република Северна Македонија, се додава, е токму во оваа насока. Во амандманот се вели: „Ги осудува неодамнешните провокативни изјави на претставници на бугарската влада за историски прашања што ја засегаат Северна Македонија, што е спротивно на духот на Договорот за добрососедство со Бугарија, ги повикува бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај изборната кампања што е во тек во Бугарија“.
Предлогот го дадоа четворица европратеници: Тонино Пицула (Хрватска), Тања Фајон (Словенија), Андреас Шидер (Австрија) и Марек Белка (Полска). Токму тие се обвинети, како што се посочува во ставот на бугарските социјалисти во ЕП, за „компромис, отворена глупост или скопско лобирање“, а тврдењето дека нивното место не е во ЕП не заслужува коментар.
-Делегацијата на бугарските социјалисти во ЕП нема да го поддржи амандманот затоа што тој не го одразува целосно историскиот и политичкиот контекст на Балканот. Но, категорично се спротивставува на приватизацијата на бугарскиот национален интерес и монополот над патриотските цели. Особено од политичка сила што го нарушува авторитетот на Бугарија во ЕУ заради сопствен интерес - нејзиниот политички опстанок. Што се однесува до загриженоста на т.н. „патриоти“ за идните коалиции во нашата земја - важно е Бугарија да не се продава, стои во реакцијата на Делегацијата на бугарските социјалисти во Европскиот парламент. вг/ац/