• вторник, 24 декември 2024

Бугарската парламентарна Комисија за здравство ќе го разгледа предлогот на опозицијата за купување на руската вакцина

Бугарската парламентарна Комисија за здравство ќе го разгледа предлогот на опозицијата за купување на руската вакцина

Софија, 27 февруари 2021 (МИА) - Комисијата за здравство во бугарскиот Парламент следната недела ќе го разгледа предлогот на опозициската Социјалистичка партија (БСП) за започнување преговори на Владата за набавка на руската вакцина против Ковид-19, изјави пратеникот од БСП, проф.др Георги Михаилов на бугарската телевизија НОВА.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, БСП вчера побара од бугарската Влада да започне преговори со Русија за набавка на вакцината „Спутник V“.

Владејачката партија ГЕРБ ја обвини опозициската БСП за некомпетентност, лобирање и саботажа.

- И „Астра Зенека“ и „Фајзер“ објаснија дека производството на вакцината е сложен процес. Овој предлог беше сосема реален. Како член на парламентарната Комисија за здравство, добив меил дека Комисијата по овој повод ќе се состане во четврток. Предлогот е реален и ќе биде разгледан во Парламентот, најави опозицискиот пратеник. 

Тој истакна дека Србија, каде што се спроведува имунизација со руската вакцина, е на второ место по бројот на вакцинирани на 100 лица во Европа. За споредба, како што рече, Бугарија е на претпоследното место. - Во услови на вонредно законодавство, секоја земја може да склучи договор за набавка на вакцини со трета земја. Кога станува збор за здравјето на луѓето, нема противници, квалитетот на руската вакцина се оценува од престижни публикации, рече Михаилов. нк/паг/

Остани поврзан