Бугарија казнета со 1,59 милиони евра за доцнење во усогласувањето со Директивата на ЕУ за еколошки возила
- Властите во Софија пред Судот тврдеа дека навременото усогласување со Директивата 2019/1161 било „објективно невозможно“, поради политичката нестабилност предизвикана од неможноста да се формира стабилна Влада, како и поради Ковид пандемијата, но судиите не ги прифатија овие аргументи.

Брисел, 21 март 2025 (МИА) - Судот на правдата на Европската Унија ја казни Бугарија со 1,59 милиони евра поради доцнење од 885 дена во усогласувањето со Директивата на ЕУ за чисти и енергетски ефикасни возила во патен транспорт.
Властите во Софија пред Судот тврдеа дека навременото усогласување со Директивата 2019/1161 било „објективно невозможно“, поради политичката нестабилност предизвикана од неможноста да се формира стабилна Влада, како и поради Ковид пандемијата, но судиите не ги прифатија овие аргументи.
Судот оцени дека аргументот на Бугарија за „политичка нестабилност“ е неприфатлив, имајќи предвид дека според утврдената судска практика, земја членка на ЕУ „не може да се повикува на одредби, практики или ситуации во нејзиниот внатрешен правен поредок, за да го оправда неисполнувањето на обврските што произлегуваат од правото на Унијата“.
- Иако здравствена криза од размер на пандемијата со КОВИД-19 е надворешен непредвидлив настан за Бугарија, тоа не го менува фактот дека таа требаше да пристапи кон навремено известување на Комисијата за проблемите со кои се соочува, барем пред истекот на рокот утврден во образложеното мислење од 6 април 2022 година, соопшти Судот со седиште во Луксембург.
Уште во септември 2021 година, Европската комисија официјално ја извести Бугарија дека е истечен рокот за усогласување со Директивата. Откако до 6 април 2022 година од Софија до Брисел не стигна никаков одговор на известувањето, Еврокомисијата достави на Бугарија образложено мислење за случајот и даде рок од уште два месеци за вклучување на одредбите од Директивата во националното законодавство. По 12 месеци, ЕК утврди дека Бугарија не го исполнила барањето за целосно усогласување со Директивата и покрена правна постапка против земјата пред Европскиот суд на правдата.
Во меѓувреме, на 5 јануари 2024 година Бугарија ја заврши целосната постапка за усогласување со Директивата, по што сега земјата е казнета поради доцнење во имплементацијата. сп/
Фото: МИА Архива