• сабота, 23 ноември 2024

Бугарија/Избори: Неизвесен победникот на парламентарните избори во Бугарија

Бугарија/Избори: Неизвесен победникот на парламентарните избори во Бугарија
Софија, 11 јули 2021 (МИА) - Нема извесен победник на парламентарните избори во Бугарија одржани денеска - новата партија „Има таков народ“ на бугарскиот ТВ водител и шоумен Слави Трифонов е во минимално водство пред десничарската ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, покажуваат резултатите од излезните анкети. Според тие резултати, партијата „Има таков народ“ ќе има 65 пратеници во новото Национално собрание, а коалицијата „ГЕРБ-СДС“ ќе има 63 пратеници. Ова го покажува паралелното пребројување на 100 проценти од гласовите од истражувачкиот центар Тренд. Коалицијата „БСП за Бугарија“ ќе има 37 пратеници, „Демократска Бугарија“ ќе има 31 пратеник, ДПС - 30 и коалицијата „Исправи се!Мафијата надвор!“ ќе има 14 пратеници, според Тренд. - Најверојатно „Има таков народ“ прва ќе добие мандат за формирање влада, и ако тие го предложат во Националното собрание, најверојатно ќе добијат поддршка и од БСП и од ДПС, бидејќи тие се огласија на претходното собрание на Народното собрание дека се „за“ партија на промени, која не е дел од статус кво состојбата, изјави за бугарските медиуми Димитар Ганев од Тренд. Според него, „има големо мнозинство околу новите партии на промени“. Партијата „Има таков народ“ на телевизискиот водител и шоумен Слави Трифонов победи на предвремените парламентарни избори во Бугарија и според податоците на агенцијата Галуп од паралелното пребројување на 90 проценти од гласовите. Коалицијата ГЕРБ-СДС останува втора политичка сила. Галуп наведува дека станува збор за резултати според нивна прогноза, а официјалните ќе бидат објавени од ЦИК. „Има таков народ“ освоија 23,2 процента од гласовите, ГЕРБ-СДС – 23 отсто, БСП – 14,3 проценти, „Демократска Бугарија“ – 13,4 отсто, ДПС – 11,5 проценти, „Исправи се! Мафијата надвор!“ – 5,1 процент. Останатите пратии не го преминаа дозволениот праг за влез во Парламентот. Според Галуп, излезноста на изборите била 38,1 процент. Партијата „Има таков народ“ освои 23,9 проценти на денешното предвремено гласање за парламентот, следена од ГЕРБ - СДС со 23,4 проценти, според податоците на „Алфа рисрч“ на 100 проценти од паралелното пребројување, јави БНТ. Следува „БСП за Бугарија“ со 13,1 процент; „Демократска Бугарија“ - 12,8; ДПС - 11,3; „Исправи се!Мафијата надвор!“ со пет проценти од гласовите. Според податоците за прогнозата за мандатите, разликата меѓу ИТН и ГЕРБ/СДС е еден пратеник - 64 наспроти 63. Следи „БСП за Бугарија“ со 35; „Демократска Бугарија“ - 34; ДПС - 30; „Исправи се!Мафијата надвор!" - 14. Лидерот на бугарската политичка партија „Има таков народ“, Слави Трифонов објави на својот фејсбук-профил дека денешниот ден бил добар ден за бугарската демократија, бидејќи според него ова биле најчесните избори досега. Таквиот негов став е поради новите изборни правила, јави дописникот на МИА од Софија. Според него, со правилата е максимално ограничено купувањето гласови, корпоративниот глас и манипулациите со „мртвите луѓе“. Поддршката добиена за „Има таков народ“ е неверојатна, додаде Трифонов и најави објавуавње чекори на партијата во текот на утрешниот ден. Нема информации поврзани со сериозни нарушувања на јавниот ред и мир на денот на изборите во Бугарија, соопшти Министерството за внатрешни работи во Софија. Од почетокот на изборната кампања до затворањето на избирачките места, бугарското МВР добило вкупно 1.139 информации за прекршување на изборното законодавство и правата на граѓаните. Во споредба со истиот период на претходните избори, има зголемување од 59,3 проценти. Изготвени се 10.176 протоколи за предупредување, што е зголемување за 519,4 проценти во однос на претходното гласање Воведувањето машинско гласање во Бугарија беше апсолутно исправен потег. Со таков став е спикерот на 45-то народно собрание на Бугарија, Ива Митева од партијата „Има таков народ“. Машинско гласање беше воведено по новите измени во Изборниот законик во делови со над 300 гласачи. нк/гт/зш/

Остани поврзан