• сабота, 23 ноември 2024

Бруно Делбонел добитник на „Златна камера 300“ за животен опус на 45. издание на „Браќа Манаки“

Бруно Делбонел добитник на „Златна камера 300“ за животен опус на 45. издание на „Браќа Манаки“

Скопје, 4 јули 2024 (МИА) - Францускиот кинематографер Бруно Делбонел е добитник на наградата за животен опус „Златна камера 300“ на јубилејното 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера ИФФК „Браќа Манаки“, што оваа година ќе се одржи од 21 до 27 септември во Битола. 

- Годинава славиме 45 години од постоењето на „Браќа Манаки“. Тоа за нас е многу важна годишнина, затоа што имаме можност да ги искористиме околностите кои постојат на нивото на филмските фестивали во моментот во светот, кои ни се благо наклонети. „Браќа Манаки“ е првиот и најстар филмски фестивал во светот, посветен на уметноста на кинематограферите. Специјализирани сме за тоа. Сега сме еден од двата најголеми фестивали во светот. Подготвуваме низа прекрасни изненадувања, рече денеска на прес-конференција директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски.

Тој откако го прогласи годинашниот добитник на наградата за животно дело, посочи дека оваа награда ја имаат добиено најголемите светски мајстори на кинематографијата.

Во чест на јубилејното 45. издание, како што рече, се очекува на фестивалот оваа година да присуствуваат досегашните добитници на наградата.

-Во моментов, 18 од 35 кинематографери кои се добитници на наградата за животно дело се живи, и ние се обидуваме да ги поканиме и донесеме во Македонија сите, иако поголемиот дел од нив се на возраст над 80 години. Едно од изненадувањата што сакаме да ги направиме е да им дадеме камера и секој од нив да сними по една до две минути од Битола видена низ очите на големите мајстори, рече Дамевски.

Добитникот на наградата, Бруно Делбонел е роден во 1957 година во Нанси, Франција. Студирал филозофија на Сорбона, а дипломирал во 1978 година на ESEC (Ecole Superieure d’Etudes Cinematographique), популарна и ценета школа за кинематограферски студии во Париз. 

На почетокот на кариерата како самостоен кинематографер снимил два кратки филма за сценаристичко - режисерскиот тандем Марк Каро – Жан Пјер Жене, а во подоцнежната соработка со Жене, во 1984 година му го снимил краткиот игран филм „Нема одмор за Били Брако”.

Во 1993 година дебитирал со целовечерен игран филм, а со Жене станал повторно партнер во нивните две антологиски дела, за кои Делбонел ги доби првите две од вкупно шест номинации за Оскар - „Амели“ (2002) и „Многу долга венчавка“ (2005). 

Во 2001 година, пред да дојде до номинацијата за Оскар, на фестивалот во Карлови Вари со филмот „Необичната судбина на Амели Пулен“, го освоил Кристалниот Глобус. 

Покрај номинацијата за Оскар во 2002 година за филмот „Амели“, Делбонел ги добил и номинациите за БАФТА (Американското друштво на кинематографери), како и за наградата Цезар, а ја освои наградата на ЕФА (Европската филмска академија за најдобар европски кинематографер).

Третата номинација за Оскар за Делбонел дојде во 2010 година за еден од визуелно најефектните филмови од серијалот за Хари Потер, неговото шесто продолжение, „Хари Потер и полукрвниот принц“, во режија на Дејвид Јеијтс.

Во 2011 година, нашиот фестивал го наградува со „Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност“. Следните три ремек дела во опусот на Делбонел, закитени со номинација за Оскар се „Внатре во Левин Дејвис“ (2014), „Најмрачен час“ (2018) и „Трагедијата на Магбет“ (2022).

Петтата номинација за Оскар, Делбонел ја доби во 2018 година за креацијата во историската драма „Најмрачен час“ во режија на Џое Рајт. Актерот Гери Олдмен за улогата на Винстон Черчил во овој филм беше награден со Оскар.

Во 2019 година, Делбонел бил назначен за шеф на кинематограферскиот отсек на Прочуената париска филмска школа. бт/бак/

Фото: „Браќа Манаки“

Остани поврзан