• понеделник, 23 декември 2024

Бројот загинати во бомбашкиот напад во Пешевар достигна 44, голем број од ранетите во критична состојба

Бројот загинати во бомбашкиот напад во Пешевар достигна 44, голем број од ранетите во критична состојба

Исламабад, 30 јануари 2023 (МИА) - Бројот на загинатите во денешниот бомбашки напад врз џамија во полициски комплекс во пакистанскиот град Пешавар се искачи на најмалку 44, соопштија официјални лица, додавајќи дека повеќе од 150 луѓе се ранети.

Нападот што е еден од најсмртоносните против пакистанските безбедносни сили последните години, го изврши бомбаш-самоубиец, при што од детонацијата на експлозивот се урнал покривот на џамијата врз верниците, од кои повеќето биле полицајци.

Во момент на нападот во џамијата имало околу 300 верници. Локалните здравствени власти соопштија дека многу од ранетите се во критична состојба, што значи дека бројот на жртвите не е конечен.

Полициски службеник појасни дека бомбашот се разнел додека бил меѓу верниците. Не е јасно како бомбашот успеал да влезе во комплексот ограден со ѕидови во кој се наоѓа седиштето на полицијата - сето тоа во зона со висока безбедност, која вклучува и други објекти на централната власт.

Сарбакаф Мохманд, еден од командантите на пакистанските талибанци, ја презеде одговорноста за нападот преку објава на Твитер, но главниот портпарол на вооружената група се уште не се произнел по однос инцидентот. аб/

Остани поврзан