• сабота, 23 ноември 2024

Брнз: Влезот на Северна Македонија во ЕУ го гледаме како заеднички интерес

Брнз: Влезот на Северна Македонија во ЕУ го гледаме како заеднички интерес
Скопје, 23 ноември 2020 (МИА) - Се надеваме дека Северна Македонија ќе продолжи со процесот на пристапување кон Европската Унија. Многу јасно ја кажавме нашата желба да ја видиме првата меѓувладина конференција до крајот на годината. Влезот на Северна Македонија во ЕУ го гледаме како заеднички интерес, изјави американската амбасадорка Кејт Мари Брнз во интервју за телевизија Телма. Според, Брнз, билатералните спорови меѓу земјите треба да се решаваат надвор од процесот на интегрирање. - Разочарани сме што Бугарија го блокира прогресот. Навистина е важно, и ние продолжуваме да комуницираме за ова во Бугарија и во Северна Македонија двете земји да продолжат да ги решаваат билатералните спорови надвор и одвоено од процесот на евроинтеграциите, изјави Брнз. Американската амбасадорка, во интервјуто, ги повикува сите политички партии да се обединат околу двата клучни предизвици со кои се соочува земјата - борбата против Ковид-19 и спроведување на реформите за членство во ЕУ. - Прва работа што ја бараат граѓаните се решенија. Многу е лесно да се укаже на предизвиците, да се критикува, но она што е тешко, е да се работи заеднички на ефективни решенија. Се надеваме дека опозицијата, но и сите политички партии, сите организации ќе застанат зад овие две цели. Прво да се заштити нивното здравје и здравјето на граѓаните и второ да инвестираат во позитивна иднина која доаѓа со реформската агенда и напредокот на евро-атлантскиот пат, изјави Брнз во интервју за телевизија Телма. Во однос на стратешкото партнерство меѓу двете земји и претседателските избори во САД, Брнз, посочи дека очекува тоа да продолжи и по 20 јануари и потсети на големите успеси во последните неколку години, како членството во НАТО, напредокот кон членството во ЕУ,  проширувањето на билатералниот дијалог со теми како владеење на правото, борбата против корупцијата, економската безбедност и справувањето со иселувањето на младите. - Тоа што го видовме во последната администрација е голема посветеност за вклученоста во регионот и мислам дека тоа ќе продолжи од страна на администрацијата до и после инаугурацијата во јануари, рече Брнз. Во однос на надворешната политика на САД кон регионот на Западен Балкан, Брнз посочи дека има многу отворени прашања и новата администрација ќе ја објави својата агенда во соодветно време. - Се уште има некои чекори кои мора да бидат завршени во нашиот изборен процес пред инаугурацијата на идниот претседател на 20 јануари. Но, во меѓувреме остануваме посветени, не само на економскатаста стабилност и просперитет на овој регион, туку и на предизвикот од КОВИД-19. Тоа е навистина најголемиот предизвик со кој сме се соочиле во оваа администрација, а така ќе продолжи и во идната, изјави Брнз. Посочи дека САД остануваат лидери во одговорот во борбата против пандемијата со над 100 милијарди долари поддршка и помош глобално и со со поддршка и помош од 4 милиони само минатата година во здравствениот сектор на нашата земја. - Ќе видите дека САД ќе останат ангажирани. Има голема поддршка за Западен Балкан и особено за Северна Македонија и во двата дома на нашиот Конгрес, и во Белата куќа и очекувам тоа да продолжи и по 20 јануари, изјави Брнз. аа/нд/

Остани поврзан