• петок, 22 ноември 2024

Брнабиќ: Економските и политички односи меѓу Србија и Северна Македонија се се подобри

Брнабиќ: Економските и политички односи меѓу Србија и Северна Македонија се се подобри

Белград, 31 март 2023 (МИА) - Премиерката Ана Брнабиќ изјави денеска дека економските и политичките односи меѓу Србија и Северна Македонија се подобруваат, а за тоа придонела иницијативата „Отворен Балкан“. Таа по средбата со премиерот Димитар Ковачевски, изјави и дека голем дел од разговорот бил посветен на оваа иницијатива и на конкретни проекти во рамките на ОБ, јави допсиникот на МИА од Белград.

Брнабиќ посочи дека годинава двете земји ќе ја надминат меѓусебната трговска размена од 1,5 милијарди евра и дека се приближуваат до трговска размена од две милијарди евра.

-Минатата година размената достигна 1,482 милијарди евра и е за 28 отсто повисока од 2021 година, рече Брнабиќ.

Според неа извозот на Србија во Северна Македонија се зголемил за 16 отсто во 2022 година, додека извозот на Северна Македонија во Србија значително се зголемил.

-Тоа некако се балансира и одлично е и за вас и за нас. Србија е четврти трговски партнер на Северна Македонија по Германија, Велика Британија и Грција, рече Брнабиќ.

Таа на прес конференцијата додаде дека на денешната средба се разговарало и за тоа како дополнително да се подобри трговската размена и меѓусебната размена на земјоделски прехранбени производи, кои сега сочинуваат повеќе од 40 отсто од размената меѓу двете земји.

-Тоа беше важна тема за нас денес, како позитивно да влијаеме едни на други врз понудата, безбедноста и предвидливоста на цените, рече Брнабиќ.

Српската премиерка посочи дека разговарале и за дополнителна меѓусебна соработка во областа на енергетиката и инфраструктурата, а значајни се и договорите што денеска беа потпишани во тие области.

Зборувајќи за политичките односи меѓу Србија и Северна Македонија, Брнабиќ рече дека на 6 април ќе биде потпишан иновативен меморандум за соработка на полето на евроинтеграциите и дека се усогласува датумот за одржувањето на третата заедничка седница на двете влади, кој ќе ќе се одржи во Србија.

Таа посочи дека Србија го поддржува евроинтегративниот процес на Северна Македонија и дека се што е добро за земјите од регионот со цел побрза европска интеграција е добро и за Србија.

Таа изрази уверување дека ќе биде отворен граничниот премин Миратовац-Лојане, што министрите за внатрешни работи на двете земји го потпишаа во февруари.

Таа додаде дека Србија е за активирање на меѓувладиниот комитет за економска соработка меѓу двете земји, а за копретседател е избран министерот за внатрешна и надворешна трговија Томислав Момировиќ.

Брнабиќ посочи дека лани во февруари, по 17 години пауза, се одржал и првиот состанок на мешовитата комисија за малцинствата и дека се надева дека до крајот на оваа година ќе се одржи и вториот состанок на тоа тело.

Таа оцени дека разговорите со премиерот на Северна Македонија биле за сите теми од заемен интерес, со цел натамошно зближување, продлабочување на економските односи и меѓусебната соработка, што го оцени како интерес на двете страни, а пред се на граѓаните на двете земји.

 Зборувајќи за Иницијативата „Отворен Балкан“, Брнабиќ рече дека очекува од 1 јули да започне имплементацијата и дистрибуцијата на единствен матичен број, што ќе овозможи полесно движење на работната сила. об/аа/

Остани поврзан