• понеделник, 23 декември 2024

Британската полиција соопшти дека 22 полицајци се повредени во немири во Саутпорт, по крвавиот напад врз деца во градот

Британската полиција соопшти дека 22 полицајци се повредени во немири во Саутпорт,  по крвавиот напад врз деца во  градот

Саутпорт, 31 јули 2024 (МИА) - Полицијата во англиската област Мерсисајд соопшти дека 22 полицајци се повредени во немирите во Саутпорт, што избувнаа откако три девојчиња беа избодени до смрт, а пет деца беа тешко повредени на детски час по танцување и јога во овој приморски град .

Според истражителите, нападот не е поврзан со тероризам. 

Полицијата соопшти дека уапсила 17-годишно момче од Кардиф, во Велс, и предупреди дека на интернет се шират лажни гласини дека осомничениот е барател на азил кој пристигнал во Велика Британија со брод.

Демонстрантите синоќа се судрија со органите на редот пред џамијата во Саутпорт. Повредени се вкупно 22 полицајци, од кои осум се здобиле со тешки телесни повреди.

Демонстрантите, меѓу кои имало и приврзаници на екстремно десничарската „Англиска лига за заштита“, запалиле полициско комбе и автомобили на граѓаните, фрлале цигли врз локалната џамија и оштетиле продавница.

Синоќа од 19:54 часот по локално време во сила стапи наредба што на полицијата и дава поголеми овластувања да застануваат и да претресуваат луѓе. Полицијата уверува дека оваа мерка има за цел да спречи натамошни акти на насилство и дека нема да влијае врз обичните граѓани кои ќе можат мирно да ги извршуваат секојдневните обврски.

Британската министерка за внатрешни работи, Ивет Купер, ја осуди агресијата. 

-Тоа е апсолутен срам... Во овој момент секој треба да покаже почит кон заедницата и кон полицијата, рече Купер. „Сцените на бандитизам што ги видовме синоќа на улиците на Саутпорт немаат никаква врска со начинот на кој луѓето од Саутпорт се собраа за да се поддржуваат едни со други и да застанат зад ожалостените семејства“, додаде британската министерка, нагласувајќи дека не треба да се шпекулира со мотивите и околностите околу злосторството.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан