• понеделник, 25 ноември 2024

Британската Конзервативна партија денеска ќе добие нов лидер

Британската Конзервативна партија денеска ќе добие нов лидер

Лондон, 2 ноември 2024 (МИА) - Британската опозициска Конзервативна партија денеска ќе го избере својот нов лидер помеѓу Кеми Бејденок или Роберт Џенрик, со што завршува четиримесечната трка за замена на поранешниот премиер Риши Сунак, пренесе ДПА.

Очекувањата се дека резултатите од гласањето ќе бидат објавени доцна во утринските часови, додека гласањето на членовите на партијата заврши во четвртокот. Победникот ќе застане на чело на Конзервативната партија, која се обидува да закрепне по катастрофалните резултати на општите избори во јули, кога партијата освои само 121 пратеник.

По завршувањето на гласањето во четвртокот, двајцата кандидати им се заблагодарија на своите поддржувачи за поддршката во текот на трката.

Бејденок ја опиша Конзервативната партија како „семејство“ и изјави дека за неа партијата е „многу повеќе од само организација“.

Џенрик, исто така, повика партијата да „го надмине драматичниот период“ од последните години и да се „обедини“.

„Заедно можеме да ставиме крај на изговорите, да ја надминеме драмата и да ја обединиме нашата партија“, напиша тој на социјалната мрежа Екс.

Во текот на кампањата за избор на нов партиски лидер, посебно беа разгледувани имиграцијата, економијата и начинот на кој конзервативците можат да ја вратат довербата на британските гласачи. ссм/

Остани поврзан